Блокади на границите : Со „молење“ нема да решиме ништо – позицијата ни е ослабена зошто не сме на преговарачката „ЕУ маса“ !

„Нема да има економски сектор кој ќе остане имун на последиците од ваквата состојба “ – вели за „Локално“ Љупчо Балкоски, поранешен министер за транспорт и врски

од Vladimir Zorba
59 прегледи Фото: Принтскрин

Одлуката на ЕУ за ограничување на времето за престој на возачите на 90 дена во Шенген зоната не е од „вчера“. Европската Унија претходно соопшти и најави дека ќе ги воведе овие правила, прашањето е дали ние како државата се подготвивме или барем се обидовме да го „амортизираме“ овој удар. Ова се дел од коментарите на аналитичарите откако од Владата оценија дека поради новите правила на ЕУ, домашната економија може да се соочи со колапс, а транспортерите ги започаа блокадите на граничните премини.

„Европската Унија уште поодамна сигнализираше односно соопшти дека ќе има ваква одлука за ограничување на престојот на транспортерите во шенген зоната на 90 денови. Но ние како држава не обрнавме внимание. Она што сега можеме да се надеваме е да ни дадат и одборат некој „вакум-простор“ за да можеме некако да се прилагодиме. Во спротивно – нема да има економски сектор кој ќе остане имун на последиците од ваквата состојба “ – вели за „Локално“ Љупчо Балкоски, поранешен министер за транспорт и врски.

Фото: Фејсбук/ВМРО-НП

Со почеток на оваа работна недела, транспортерите ги започнаа блокадите на повеќе гранични премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, додека  Табановце – Прешево  е под блокада од српска страна. Новите ЕУ правила се однесуваат и на Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Според познавачите на состојбите, Црна Гора која треба да го затвори последното поглавје од преговорите со ЕУ , е во подобра состојба во земјите кои не се на преговарачката маса , како Македонија.

„Ние мора да сме на „чисто“ дека со молење нема да постигнеме ништо. Ако дојде моментот за да се преговара за воведување на некој преоден период, ќе мора нешто да понудиме, но што? Мислам дека тоа што се уште сме во чекалната на ЕУ, без почнати преговори за членство во Унијата, значајно негативно ќе ни се одрази и веќе ни се одразува. За разлика од нас на пример транспортните компании од Црна Гора најавуваат „селење“ во земјите од ЕУ, најблиску Хрватска и Италија, но да потсетам, Црна Гора веќе ги затвора пристапните преговори и наскоро треба да стане членка на ЕУ. Очекувам дека Црна Гора како идна членка е во различна преговарачка позиција, може да договори ад-хок решение за премостување на проблемот. Кај нас има реакција и од странските инвеститори, но мислам дека тие не можат да влијаат или да излобираат промена на одлуката. Во моментов, нашата позиција, како држава, економија, е алармантна“ – објаснува Балкоски.

Од Министерството за транспорт соопштија дека за проблемот со транспортерите и електронската евиденција во ЕУ се алармирало подолго време, но од страна на ЕУ немало разбирање. Економистите посочуваат дека последиците од вакавата одлука ќе удрат на сите фронтови од економијата – извоз, увоз, проток на стоки,  трговски дефицит а ќе бидат засегнати сите, од странски до домашни компании. Првични анализи за обемот на загубите нема, но се знае дека ако не се промени одлуката, тие ќе бидат големи.

Фото: ССК

„Засега никој не може да каже колкави ќе бидат загубите бидејќи тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување на договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство ради недостаток на суровина итн, но сигурно е дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес“ – соопштија од Стопанската Комора.

За разлика од Владата, која даде „отворена“ поддршка на блокадите на транспортерите, бизнисмените од Стопанската Комора сосема спротивно –проблемите треба да се решат преку институциите.

„Блокадите не можат да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ, само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите деловни субјекти кои се влучени во надворешно трговската соработка“ – соопштија од СКСМ.

Според првичните анализи на Логистичкиот конзорциум на Босна и Херцеговина, во синџирите на снабдување на засегнатите држави од Западен Балкан , ќе бидат доведени во прашање најмалку 1 000.000 тони стока, а ова ќе се одрази директно врз производството, тговијата па и снабдувањето на населението.

Д.А.

Слични содржини