Колку злато чува Германија во Њујорк и дали е безбедно таму?

Германија чува 1.236 тони злато во трезорите на американските Федерални резерви во Њујорк, што претставува околу 37 проценти од вкупните германски златни резерви.

од desk4
14 прегледи

Податоците, објавени од Дојче веле, повторно ја отворија дебатата за безбедноста на овие резерви во услови на зголемен политички притисок врз независноста на американската централна банка.

Според германската Бундесбанка, Германија располага со вкупно околу 3.550 тони злато, што ја става меѓу државите со најголеми златни резерви во светот. Од нив, 1.710 тони се складирани во Франкфурт, 405 тони во Банката на Англија во Лондон, додека 1.236 тони се наоѓаат во трезорите на ФЕД во Њујорк.

До неодамна, чувањето на златото во САД се сметаше за безбедно, меѓу другото и поради високото ниво на доверба меѓу централните банки и нивната институционална независност. Но, експертите предупредуваат дека ситуацијата се менува поради зачестените напади на американскиот претседател Доналд Трамп врз Федералните резерви и нивниот претседател Џером Пауел.

Трамп во изминатиот период јавно вршеше притисок врз раководството на ФЕД за побрзо и подлабоко намалување на каматните стапки, а неодамна се закани и со правни постапки поврзани со реновирањето на зградите на централната банка, потези кои, според аналитичарите, ја поткопуваат нејзината независност.

„Колку повеќе централните банки се изложени на политички притисок, толку е потешко да се одржи довербата“, изјави за Дојче веле експертот за злато Волфганг Вжесниок-Розбах од франкфуртската компанија „Фрагoлд“, предупредувајќи дека складирањето на златото во САД во иднина може да стане проблематично.

Сличен став изнесе и претседателот на Центарот за европски економски истражувања, Ахим Вамбах, кој за Ројтерс оцени дека САД под Трамп повеќе не се целосно предвидлив партнер за Европската Унија. Дел од аналитичарите одат чекор понатаму, оценувајќи дека, во краен случај, американската влада би можела да ги задржи странските златни резерви како политички или финансиски адут.

Поради тоа, сè повеќе експерти предлагаат германското злато од Њујорк постепено да се врати во Германија. Сепак, има и предупредувања дека таков потег би можел дополнително да ги заостри односите. Претседателот на институтот ИФО, Клеменс Фуст, смета дека пребрза одлука би „долила масло на огнот“ и дека прашањето треба да се отвори во помалку конфликтен момент.

Од Бундесбанката засега остануваат смирени. Во изјава за германскиот јавен сервис АРД, централната банка порача дека не планира враќање на златото од САД, нагласувајќи дека Њујорк и понатаму е клучна локација која обезбедува и високо ниво на безбедност и оперативна флексибилност за тргување со злато доколку е потребно.

„Немаме сомнежи дека германското злато е безбедно складирано кај Федералните резерви“, соопшти Бундесбанката, оставајќи ја темата отворена за идни проценки, но без најава за итни промени.