Американски носач на авиони пристигна на Блискиот Исток

Американски носач на авиони заедно со придружни воени бродови пристигна на Блискиот Исток, со што значително се прошируваат можностите за одбрана на американските сили, но и за евентуално покренување воена акција против Иран, изјавија за Ројтерс двајца американски официјални претставници.

од desk4
16 прегледи

Станува збор за носачот на авиони USS Abraham Lincoln и неколку разурнувачи со наведувани ракети, кои пристигнале во регионот што е под надлежност на Централна команда на САД. Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека Соединетите Држави имаат „армада“ која се движи кон Иран, но додаде дека се надева оти нема да има потреба таа да биде употребена.

Воените бродови почнале да се распоредуваат од азиско-пацифичкиот регион уште на почетокот на месецот, откако ескалираа тензиите меѓу Вашингтон и Техеран поради задушувањето на протестите во Иран. Трамп во повеќе наврати се закани со интервенција доколку иранските власти продолжат со убивање демонстранти, но во меѓувреме протестите се смирија. Американскиот претседател изјави дека убиствата престануваат и дека нема планови за погубувања на затвореници.

Американската војска и во минатото распоредувала сили на Блискиот Исток во периоди на зголемени тензии, најчесто со одбранбена цел. Сепак, минатата година САД изведоа напади врз ирански нуклеарни постројки, што дополнително ја заостри безбедносната ситуација во регионот.

Покрај носачот и воените бродови, Пентагон најави и преместување на борбени авиони и системи за противвоздушна одбрана на Блискиот Исток. За време на викендот, американската војска соопшти дека ќе одржи воена вежба во регионот со цел да ја демонстрира способноста за брзо распоредување и одржување на борбеното воздухопловство.

Висок ирански функционер минатата недела предупреди дека Техеран секој напад ќе го смета за „сеопфатна војна“ против земјата. Во меѓувреме, Обединети Арапски Емирати соопштија дека нема да дозволат нивниот воздушен простор, територија или територијални води да бидат искористени за непријателски воени акции против Иран. Американската воздушна база Ал Дафра, лоцирана јужно од Абу Даби, и понатаму останува клучен центар за операциите на американските воздухопловни сили во регионот.