Критичните минерални суровини, односно рудното богатство со кое располага Гренланд, имаат значајна улога во рамката на договорот за кој информираше американскиот претседател Доналд Трамп. Тој соопшти дека е воспоставена основа за иден договор поврзан со Гренланд и поширокиот арктички регион, по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Од НАТО информираа дека преговорите меѓу Данска, Гренланд и САД ќе продолжат со јасна цел – да се спречи какво било економско или воено присуство на Русија и Кина на територијата на Гренланд.
Претседателот Трамп и претходно во неколку наврати истакнуваше дека Гренланд претставува стратешки важна територија. Освен безбедносните причини, високи функционери од неговата администрација нагласуваат дека клучен фактор за американскиот интерес се и значајните резерви на критични минерали што ги поседува островот.
„Гренланд има огромни наоѓалишта со ретки минерали и критични минерали. Од тоа постојат огромни економски придобивки за Америка“, рече сенаторот Тед Круз изминатиов викенд во емисија на „Фокс њуз“.
Трамп ги спомена природните ресурси на Гренланд во својот говор на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, каде сепак рече дека придобивањето на минералите не е причината зошто на Америка ѝ е потребна оваа територија.
„Сите зборуваат за минералите… За да се стигне до овие ретки земни елементи, мора да се продупчат стотици метри мраз. Тоа не е причината зошто ни е Гренланд потребен. Потребен ни е за стратешката национална безбедност и меѓународната безбедност“, истакна Трамп.
Но, неколку часа подоцна, Трамп рече дека се постигнува договор за Гренланд кој вклучува два дела: опсегот на системот за ракетна одбрана „Златна купола“ и минералите. Како што пишува CNN, овие цели се совпаѓаат со она што го изјавил неговиот поранешен советник за национална безбедност Мајк Валц за „Фокс њуз“, дека фокусот на администрацијата кон Гренланд е поради „критичните минерали“ и „природните ресурси“.
Гренланд има над 1.100 идентификувани минерални наоѓалишта, но има само два активни рудници и само осум активни лиценци за рударство. Повеќе од 600 наоѓалишта содржат минерали означени од САД како неопходни за нивната економија и национална безбедност. Меѓу нив постојат геолошки истражувања за бакар, цинк, титаниум и ретки елементи, кои се неопходни материјали во воената индустрија, за центрите за податоци од вештачката интелигенција, електричните автомобили, како и за остварување на цели од зелената агенда.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), чии членови се големи земји потрошувачи на енергија, предвидува дека до 2050 година, глобалната побарувачка за ретки земни елементи што се користат во магнетите ќе се удвои. Се вели дека се очекува Кина да остане нивниот најголем снабдувач.
Во трката за критичните минерали се вклучи и Европската Унија, која исто така пројави интерес за Гренланд. Европската инвестициска банка и земјите-членки веќе отклучија финансиска поддршка за приоритетните проекти, како што се проектот „Вулкан“ за екстракција на литиум во Германија, како и проектот „Малмбјерг“ на „Гренланд Рисорсис“ за ископ на минералот молибден.
Властите во Гренланд уште минатата година ги повикаа САД и ЕУ да инвестираат во нивното рударство.
„Гренланд ги повикува САД и европските нации да инвестираат во нашата рударска индустрија. Предупредуваме дека недостатокот на западен ангажман може да не принуди да бараме партнерства со Кина“, истакна Наја Натаниелсен, министерка за бизнис и минерални ресурси на Гренланд.
Европската Унија најави дека освен со Гренланд ќе работи на наменски инвестициски рамки за синџири за критични минерални суровини и со Украина, Западен Балкан и т.н. „Јужно соседство“. ЕУ и САД веќе ги забрзаа процедурите за издавање на дозволи за ископ на руда и дефинираат стратешки проекти. Слични мерки се предвидуваат и кај нас, а во последното интервју министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновски нагласи дека ресорното Министерство се уште работи на нови закони за рударство и за геологија.
Засега Македонија не може да се пофали дека го развива рударството и нови големи инвестиции во оваа индустрија нема. Кај нас геолошките истражувања покажале присуство на повеќе критични минерали по кои трага светот, но според она што е потврдено, Македонија најмногу поседува бакар. Додека ЕУ стимулира производство на бакар, Македонија во моментов има само еден рудник за бакар „Бучим – Боров дол“ и според проценките во него се произведуваат само 8000 тони бакар годишно. Експертите повеќе пати ги повикаа властите да изготват национална стратегија за рударската индустрија, а компаниите кои сакаат да инвестираат посочуваат дека најголем предизвик претставува правната несигурност. Последен во низата инвеститори се „Еуромакс ресоурцес“ за рудник за бакар во Иловица, каде според проценките, има 410 илјади тони бакар.