Уставен суд ќе ја оценува уставноста на Законот за прекршоци поврзан со „Безбеден град“

Уставниот суд ќе поведе постапка за оценување на уставноста на делови од Законот за прекршоци, кои се однесуваат на имплементацијата на системот „Безбеден град“.

од desk4
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

Судот ги прифати двете поднесени иницијативи, една од претставници на политичките партии Алијанса за Албанците предводени од Зијадин Села и Арбен Таравари, како и една граѓанска иницијатива.

Со одлуката се формирани два одделни предмети, со кои се оспоруваат одредени измени во законот, особено во делот што се однесува на начинот на известување за сообраќајни прекршоци, територијалната примена на системот и употребата на јазиците.

Во иницијативата поднесена од Зијадин Села, Илире Даути и Елми Азири, се наведува дека законските решенија фактички наметнуваат обврска граѓаните да поседуваат мобилен телефонски број и електронска адреса за да можат да бидат информирани за прекршок, што, според нив, е спорно од уставен аспект. Тие укажуваат и на непочитување на Законот за употреба на јазиците, како и на фактот што системот во почетната фаза ќе се применува само во Скопје, Тетово и Куманово, што, како што тврдат, отвора сомнеж за селективен пристап кон одредени заедници.

Слични забелешки се содржани и во втората иницијатива, поднесена од граѓанинот Или Пачку, кој смета дека ваквата територијална ограниченост создава нееднаков третман на граѓаните врз основа на местото на живеење. Дополнително, тој ја проблематизира и таканаречената пилот-фаза на проектот, оценувајќи ја како недоволно прецизно дефинирана и временски нејасна.

Од Министерство за внатрешни работи појаснија дека во првата фаза системот ќе функционира на локации со зголемен сообраќаен ризик, додека во текот на годината е предвидено негово проширување на целата територија на државата. Како дел од проектот ќе се користат и возила со мобилни камери, кои ќе дејствуваат на таканаречените „црни точки“.

Измените на Законот за прекршоци беа усвоени во Собранието со 81 глас „за“, а конечната оценка за нивната уставност сега ќе ја даде Уставниот суд.