Контроверзните коментари на Руте дојдоа по обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да го преземе Гренланд од Данска, потег без преседан што сериозно ги затегна трансатлантските односи. Тензиите беа ублажени со договор за арктичка безбедност, во чие посредување учествувал токму Руте, пренесува Euronews.
Обраќајќи им се на европратениците, Руте изјави дека нема проблем со тоа што Трамп јавно ги објавил нивните приватни пораки и порача дека Европа не може да се брани без САД. „Ако некој мисли дека Европската унија, или Европа во целина, може да се одбрани без САД, само продолжете да сонувате. Не можете. Не можеме. Ни требаме едни на други“, рече тој.
Руте додаде дека европските држави би морале да трошат и до 10 проценти од БДП за одбрана, наместо сегашната цел од 5 проценти, доколку ја загубат американската поддршка, вклучително и нуклеарниот „чадор“ на САД.
Како реакција, главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, истакна дека политичкиот фокус на ЕУ треба да остане на постепено зголемување на отпорноста и независноста, вклучително и во сферата на безбедноста и одбраната. Таа се повика и на говорот на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, која минатата недела побара поголема „европска независност“ и најави нова безбедносна стратегија со акцент на Арктикот.
Најострите критики дојдоа од Франција. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро порача дека Европејците можат и мораат да преземат одговорност за сопствената безбедност. „Тоа е европскиот столб на НАТО“, напиша тој.
Слична порака упати и Бенжамен Адад, заменик-министер за европски прашања на Франција, кој истакна дека Европа е најголемиот донатор на Украина и дека мора многу подалеку да оди во зајакнувањето на одбраната.
Француската европратеничка Натали Лоазо беше уште подиректна, оценувајќи го настапот на Руте како „срамен момент“. „Руте мисли дека со непристојност кон Европејците ќе му се додвори на Трамп. Не ни треба фанатик на Трамп. НАТО мора повторно да воспостави рамнотежа меѓу американските и европските напори“, напиша таа.
Во меѓувреме, поранешниот претседател на Европскиот совет Шарл Мишел исто така го критикуваше Руте, порачувајќи дека Европа ќе се одбрани и дека иднината на континентот бара визија, храброст и лидерство, а не подложност и фатализам.