Денеска, партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) поднесе тужба до Управниот суд во Тирана против Владата на Албанија, поради одлуката за отворање три центри за мигранти на територијата на општина Пустец, општина во која живее македонско национално малцинство.
Со тужбата јасно се бара изземање на општина Пустец од државниот план за отворање центри за мигранти, бидејќи одлуката е донесена без консултација со локалната самоуправа, без јавна расправа и без почитување на правата на локалното население.
МАЕИ оценува дека оваа одлука претставува директно загрозување на интересите, безбедноста и демографската стабилност на македонската заедница во Општина Пустец и е спротивна на Уставот, законите и меѓународните обврски што Албанија ги има преземено за заштита на националните малцинства.
-Ќе продолжиме со правна и институционална борба сè додека не се заштитат правата и достоинството на македонската заедница, истакна претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски.
Стерјовски неодамна информираше дека оваа одлука произлегува од нормативниот акт „За одобрување на Националниот план за контингенција за мешани миграциски текови 2026–2028 година“, објавен во Службен весник, според кој, во случај на криза, за управување со миграциските текови е предвидено формирање на 20 прифатни центри за мигранти на територијата на Албанија во текот на следните две години. Овие центри се планирани за мигранти од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои ја користат Албанија како транзитна земја кон ЕУ.