Откако Џихан Ахмед ја повлече својата кандидатура за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, откако нејзиното сослушување во Собранието предизвика бурни реакции во јавноста и остри критики од граѓанскиот сектор, дел од политичката јавност бара ваквите јавни сослушувања во Парламентот да станат пракса.
Според лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, ваквата пракса треба да ја има, особено при изборот на уставните судии.
„Гледате како после јавната бламажа на анонимната кандидатка за член на Антидискриминаторската комисија – која покажа елементарно непознавање на материјата, па кога беше прашана за Истанбулската конвенција, зборуваше за убавините на градот Истанбул (!?) – истата ја повлече својата кандидатура под притисок на стручната фела и јавноста“, објави Апасиев и додава:
„Ви тврдам дека 2/3 од актуелните уставни судии вака јавно да ги распрашаме за Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа и за Европскиот суд за човекови права – ќе почнат да ни раскажуваат за убавините на градот Стразбур, кога биле на некоја екскурзија, службено“.