Претседателот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека случајот со д-р Жан Митрев и неговата приватна клиника се темели на една голема лага и најави дека приватно ќе го тужи поради нарушување на честа и угледот.
„Ова сѐ се темели на една голема лага. Зошто? Ако Жан Митрев бил жртва на таков рекет како што кажува, што правел досега? Второ, зошто тој не поднесува тужба, туку обвинителство по допрен глас? Но, како и да е, нека ја завршат анализата итн., согласно одлуката, а после тоа откако ќе се утврди дека тоа не постои, јас немам никаква вина, ќе го тужам приватно за нарушување на честа и угледот“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека за неговата чест и углед работел напорно и чесно, и нема да дозволи “бандитски работи да му ги нарушуваат честа и угледот“, што за него се најважни во животот.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет по допрен глас за тврдењата на Митрев за притисок од екс-премиерот Зоран Заев и екс министерот и сегашен лидер на СДСМ, Венко Филипче.
„Основното јавно обвинителство Скопје постапува и веќе презема дејствија на проверки во предметот оформен по допрен глас на 21.01.2026 година од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по однос на јавно изнесените наводи од лицето Жан Митрев, доктор и сопственик на Клиника „Жан Митрев“ – Скопје, а кои се однесуваат на тоа дека поранешен премиер и поранешен министер за здравство се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката. Во предметот се вршат проверки со цел да се испита евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, велат од ОЈО.