Цените на нафтата скокнаа над 70 долари поради страв од ескалација меѓу САД и Иран

од desk4
14 прегледи Фото: Screenshot/Х

На лондонскиот пазар, барелот порасна за 1,90 долари во однос на вчерашното затворање и се тргуваше по 70,30 долари. На американскиот пазар, цената на барелот беше повисока за 1,78 долари и достигна 64,99 долари. Трговците посочуваат дека оваа недела дополнителна загриженост предизвика заострената реторика на САД кон Иран.

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот му порача на Техеран дека е „крајно време“ да се постигне договор за нуклеарната програма. Американската војска минатиот викенд соопшти дека ќе спроведе воена вежба во блискоисточниот регион со цел да ја демонстрира способноста за ангажман и одржување воена сила во воздух.

Во понеделникот, извори изјавија за Reuters дека во регионот пристигнал носачот на авиони USS Abraham Lincoln и неколку разурнувачи со наведувани ракети. Неименуван американски функционер истакнал дека САД се „подготвени за разговор“ доколку Иран воспостави контакт.

Трамп дополнително го засили притисокот, наведувајќи на социјалната мрежа Truth Social дека се надева оти Техеран „наскоро ќе седне на маса“ за преговори за нуклеарен договор. Во јуни минатата година, САД и Израел извршија напади врз ирански нуклеарни постројки и воени цели, на што Иран одговори со напади врз цели во Израел и американска воена база во Катар.

Пазарите се особено чувствителни на ризикот од прекин во снабдувањето со нафта. Иран произведува околу 3,3 милиони барели дневно и извезува приближно 1,5 милиони барели. Секој поголем конфликт би можел да доведе до затворање на Хормушки Теснец, низ кој секојдневно минуваат околу 20 милиони барели нафта.

Обединетите Арапски Емирати предупредија дека нема да го отстапат својот територијален простор за напади врз Иран, став што го поддржа и Саудиска Арабија. Турција, пак, соопшти дека се противи на странска интервенција во Иран и дека е подготвена да посредува.

Според неименуван ирански функционер, цитиран од Reuters, Техеран се подготвува за можен воен судир, но паралелно ги користи и дипломатските канали, додека Вашингтон не покажува доволна отвореност за дипломатија.

Иран не се противи на дијалог со САД, но тој мора да се темели на заемно почитување и заштита на националните интереси, изјави за CNN претседателот на иранскиот парламент Багер Галибаф, додавајќи дека дипломатијата во комбинација со воен притисок ја губи својата веродостојност. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во петок треба да ја посети Анкара и да разговара со турскиот колега Хакан Фидан.

Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека барелот од кошничката на нафтата на земјите членки во средата поскапел за 1,63 долари и достигнал 65,13 долари, што е највисоко ниво од почетокот на ноември минатата година.