„Лично го замолив претседателот Путин да не пука по Киев и по градовите и местата една недела, поради исклучителниот студ, и тој се согласи“, изјави Трамп на состанок на својот кабинет, нагласувајќи дека станува збор за „рекордно ниски температури“ и тешки временски услови.
Трамп додаде дека, и покрај скепсата од дел од неговите соработници дека повикот нема да даде резултат, договорот сепак бил постигнат. „Тоа беше многу добро. Украина тешко се бори и последното што ѝ треба е ракети да паѓаат врз нејзините градови“, рече американскиот претседател, пренесе руската државна новинска агенција TASS.
Според Трамп, украинската страна била пријатно изненадена од ваквиот развој и позитивно реагирала на наводната пауза во нападите.
Сепак, американскиот претседател не појасни кога и на кој начин го пренел барањето до Путин, ниту од кој датум би започнала евентуалната пауза, која дел од медиумите ја поврзуваат со можен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура.
Овие информации доаѓаат по претходни шпекулации дека Киев и Москва постигнале договор за привремена пауза во меѓусебните напади врз енергетски објекти. Досега, ниту една од двете страни официјално не ги потврди тие тврдења, ниту ја коментираше изјавата на Трамп, потсетува Kyiv Independent.