Јанчовски зад себе остави обемно и разновидно творештво. Тој е автор на повеќе од триесет книги од областа на поезијата, прозата и преводот, како и на значајното историографско дело „Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, објавено во 2010 година. Само неколку дена пред смртта, на 23 јануари, информираше дека е објавена книгата „60 икони на Мајката Божја“ од Аријан де Сен-Марк, чиј уредник и преведувач беше тој, најавувајќи и претстојна промоција.
Во 2024 година одбележа 25 години книжевно творештво, а истата година, заедно со Бранислав Николов, го реализира поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Неговата поезија е застапена во бројни антологии и литературни списанија, а објавени се и четири книги во целосен превод. Делата на Јанчовски се преведени на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.
Од Друштво на писателите на Македонија истакнаа дека Јанчовски ќе остане запаметен и како исклучително посветен и омилен наставник, кој оставил силен белег кај повеќе генерации ученици во гимназијата „Орце Николов“, меѓународното училиште „Нова“ и Американската гимназија во Скопје.
Роден во Скопје, Јанчовски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Универзитет Св. Кирил и Методиј во 1991 година. Се специјализирал за средновековни студии на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, а магистрирал современа историја во 2010 година.
Меѓу неговите последни јавни објави се и поетски стихови кои денес во јавноста се доживуваат како тивко и достоинствено простување. Веста за неговата смрт предизвика бројни реакции, а јавноста и книжевната сцена го опишуваат неговото заминување како голема загуба за македонската поезија и култура.
Со заминувањето на Тихомир Јанчовски, македонската книжевност изгуби еден од своите најавтентични, најпосветени и најискрени авторски гласови.