Полициска акција низ државата: Четворица возачи исклучени од сообраќај, измерени и 2,48 промили алкохол

Во координирана полициска акција спроведена ноќта меѓу 30 и 31 јануари, полициски службеници од повеќе сектори за внатрешни работи исклучиле од сообраќај четири лица кои управувале возила под дејство на алкохол, информираат од Министерство за внатрешни работи.

од desk4
30 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/

Во еден од случаите е предизвикана и сообраќајна незгода.

Највисока концентрација на алкохол е измерена кај 52-годишен охриѓанец, кој на 31 јануари во 02:55 часот, на пресекот на кејот „Македонија“ и улицата „Јане Сандански“ во Охрид, со патничко возило „нисан“ удрил во „голф“ управуван од 22-годишно лице. Алкотестот покажал 2,48 промили алкохол во крвта, по што возачот бил лишен од слобода.

Неколку часа претходно, во 00:35 часот на улицата „Гоце Делчев“ во Штип, приведен е 23-годишен возач од Македонска Каменица, кај кого биле измерени 1,78 промили алкохол додека управувал „ауди“.

Во Велес, во 23:50 часот на улицата „Алексо Демниевски“, полициски службеници лишиле од слобода 45-годишен велешанец кој управувал „хјундаи“ со 1,52 промили алкохол. Истата ноќ, во 00:35 часот на улицата „Гоце Делчев“ во Велес, приведен е и 54-годишен возач на „форд“, кај кого биле констатирани 1,90 промили алкохол во крвта.

Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на настаните, против сите четири лица ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од Кривичниот законик за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.