Во своето обраќање, Филипче истакна дека светот влегува во период на длабоки геополитички потреси, обележани со јакнење на радикалната десница и неофашистичките движења. Според него, либералниот консензус кој доминираше во изминатите повеќе од три децении постепено се повлекува под притисок на агресивните политики на популистичката десница, интересите на олигархијата и системските напади врз човековите права и слободи.
„Сведоци сме на отворена омраза кон суштинската демократија и на напади врз основните човекови права, а тоа директно го поткопува трудот и социјалната правда“, порача Филипче.
Тој нагласи дека ваквите процеси не се изолирани и дека се силно присутни и во Северна Македонија. Според него, земјата се соочува со засилени авторитарни тенденции, растечко влијание на економско-финансиските центри на моќ, како и со економски политики кои одат директно на штета на работниците.
„Во мојата држава гледаме притисоци врз синдикатите, дискредитирање на граѓанските организации и напади врз критичките и прогресивни интелектуалци. Тоа е опасен тренд кој го стеснува демократскиот простор и ја загрозува социјалната кохезија“, истакна Филипче.
Обраќајќи се на Конгресот, тој ја нагласи улогата на социјалдемократските партии како клучен политички одговор на овие предизвици. Посочи дека СДП во Хрватска претставува кредибилна левичарска сила со јасни вредносни политики насочени кон социјален и економски развој во корист на сите граѓани.
„Политиките на социјалдемократијата мора да бидат насочени кон јавниот интерес и одржливиот развој, а не кон заштита на тесни економски и политички олигархии. Само така може да се зачуваат демократијата, трудот и достоинството на работниците“, порача Филипче.
Тој оцени дека социјалдемократијата останува последниот и најсилен бедем против неофашизмот, авторитаризмот и продлабочувањето на социјалните нееднаквости, како во регионот, така и во цела Европа.