Филипче најави тужба против Жан Митрев: Станува збор за конструиран и измислен рекет

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе поднесе тужба против Жан Митрев поради, како што рече, монтиран случај и измислени обвинувања за наводен рекет.

од desk4
43 прегледи Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе поднесе тужба против Жан Митрев поради, како што рече, монтиран случај и измислени обвинувања за наводен рекет.

Ова Филипче го изјави во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој посочи дека е симптоматично што Митрев досега нема поднесено пријава до обвинителството, иако јавно изнел сериозни обвинувања. Според Филипче, ваквиот начин на постапување отвора сомнеж дека станува збор за конструиран случај.

„Се поставува прашањето зошто досега нема пријава во обвинителството и зошто, по јавното изнесување на вакви тврдења, повторно нема институционална постапка, туку се чека обвинителството да реагира по допрен глас“, изјави Филипче.

Тој нагласи дека целиот случај укажува на сериозни недоследности и дека јавноста веќе може да препознае дека станува збор за неосновани и измислени обвинувања.

Филипче најави дека ќе почека обвинителството институционално да се изјасни, а доколку се потврди дека нема основа за ваквите тврдења, ќе следи приватна тужба за нарушување на честа и угледот.

„Откако ќе се констатира дека ништо од ова не е вистина, ќе поднесам тужба против Жан Митрев за нарушување на мојата чест и углед“, рече тој.

Претседателот на СДСМ потенцираше дека неговиот личен и професионален интегритет е неприкосновен, нагласувајќи дека ниту во периодот кога работел на Клиниката за неврохирургија, ниту додека ја извршувал функцијата министер за здравство, постоела каква било системска корупција.

„Честа и угледот за мене се највредното нешто. Нема да дозволам некој неосновано да ги валка“, порача Филипче.