На годишните конкурси за проекти од културата за 2026 година, спроведени преку електронскиот систем за аплицирање, пристигнале вкупно 2.618 пријави.
Ова го соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков, истакнувајќи дека бројот на апликации ја потврдува зголемената доверба и интересот на културната јавност кон овој процес.
Според Љутков, станува збор за проекти што ќе ја збогатат националната културна понуда, ќе отворат простор за нови креативни изрази и ќе придонесат за меѓународна афирмација на македонската култура. Тој нагласи дека интересот на уметниците и културните организации покажува дека културната сцена во земјава е жива, динамична и иновативна.
Министерот изјави дека Годишната програма за проекти од културата за 2026 година претставува значаен исчекор, при што културата се третира како стратешка инвестиција во националниот идентитет, креативниот потенцијал и општествениот развој, а не како трошок.
Процесот на селекција, како што беше посочено, се одвивал според јасно утврдени критериуми и приоритети, а одлуките ги донеле стручни комисии составени од компетентни лица од соодветните области. Истовремено, средствата се зголемени во повеќе дејности, со фокус на квалитетот, рамномерниот развој и поддршката на современото творештво, меѓународната соработка и креативните индустрии, кои имаат и значаен економски потенцијал.
Љутков информираше дека и во 2026 година продолжува зајакнувањето на националните установи. По пилот-проектот од минатата година, кога моделот на делегиран буџет беше воведен за 18 установи, оваа година тој ќе се прошири на 28 национални установи, поради позитивните резултати и мерливите ефекти од досегашната примена.
Според министерот, ваквиот пристап овозможува поголема автономија, поефикасно управување со програмските средства, како и јасна одговорност и отчетност.
Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2026 година изнесува 5 милијарди 194 милиони и 975 илјади денари, што е зголемување од 519 милиони и 713 илјади денари во однос на минатата година. Од оваа сума, 1 милијарда 70 милиони и 417 илјади денари се наменети за проекти од национален интерес во културата.
„Ова е јасен показател дека културата има силна институционална поддршка и дека државата стои зад уметниците, културните работници и институциите“, порача Љутков.