ДУИ обвинува за хаос со паркинзите и дивоградбите во Чаир и бара одговори од Меџити

„До кога граѓаните ќе живеат во секојдневна вознемиреност додека раководителите на Општината се збогатуваат со милиони повеќе на своите лични сметки? Оваа ситуација е неприфатлива и неподнослива“, порачаа од чаирскиот огранок на ДУИ

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Огранокот на ДУИ од скопски Чаир обвинува за како што велат, голем проблем, кој со месеци ги претвора животите на граѓаните на оваа општина во секојдневна кошмарна состојба.

„Хроничниот недостаток на паркинг места и преоптоварувањето на патиштата со возила го парализираа нормалното функционирање на Чаир. Граѓаните губат часови за да најдат паркинг место, патиштата се блокирани и честопати непроодни, додека службите за итни случаи се соочуваат со недостаток на основен пристап во многу населби. Оваа ситуација не е случајна. Таа е директна последица на лошото управување и целосниот неуспех на општинското раководство да ги реализира ветените проекти. Сите проекти за изградба на паркинзи беа користени само како пропагандни алатки за време на изборните кампањи, додека ниту еден од нив не беше реализиран на терен“, порачуваат од партијата.

Од друга страна, се наведува во реакцијата на огранокот на ДУИ во Чаир, дека нелегалната изградба на станбени згради продолжува без никаква институционална контрола.

„Секој ден се градат нови згради без дозволи, без урбанистички план, без минимални стандарди и без обезбедување паркинг места, додека Општината затвора очи пред овој урбан криминал. Соочена со оваа алармантна ситуација, ДУИ – огранок Чаир отворено прашува: До кога граѓаните на Чаир ќе живеат во секојдневна вознемиреност додека раководителите на Општината се збогатуваат со милиони повеќе на своите лични сметки? Оваа ситуација е неприфатлива и неподнослива“.

Чаирскиот огранок на ДУИ бара итно прекинување на сите неовластени градби, целосна транспарентност и отчетност за ветените проекти за паркирање, како и спроведување на законот без селективност, без политичко пазарење и без заштита на приватните интереси.

„Доколку оваа ситуација продолжи, ако неовластеното градење не се запре и измамата со јавните проекти не се исправи, граѓаните ќе бидат принудени да ги користат сите граѓански и законски средства за да го заштитат јавниот интерес, урбаниот ред и своето достоинство“, стои во партискиот став.