Министерството за одбрана на Косово соопшти дека во Приштина се одржал трилатерален состанок на претставници на министерствата за одбрана на Косово, Албанија и Хрватска.
Како што се наведува во соопштението, состанокот бил организиран во рамки на спроведувањето на Трилатералната декларација потпишана во 2025 година, а на него учествувале директори на сектори задолжени за одбранбена политика и вооружување. Учесниците размениле мислења за унапредување на соработката, зајакнување на интероперабилноста меѓу одбранбените индустрии, како и за практичната примена на договорената декларација.
Во соопштението се наведува дека декларацијата дефинира четири клучни области на трилатерална соработка: зајакнување на соработката во развојот на одбранбените способности и одбранбената индустрија, зголемување на интероперабилноста преку образование, обуки и заеднички воени вежби, спротивставување на хибридни закани и јакнење на отпорноста, како и континуирана поддршка на евроатлантските интеграции.
Од косовското Министерство за одбрана истакнуваат дека целта на оваа соработка е унапредување на безбедноста и стабилноста во југоисточна Европа.
Реакција од Србија
На состанокот реагираше и Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, оценувајќи дека одбранбената соработка меѓу Албанија, Хрватска и Приштина директно ја загрозува стабилноста на Западен Балкан.
„Јасно е дека оваа соработка не е мотивирана од економски интереси или од желба за регионален просперитет, туку има злонамерни цели“, се наведува во реакцијата, со тврдење дека „очигледно Србија е цел на овој троен сојуз“.
Албанија, Хрватска и Косово ја потпишаа Декларацијата за зајакнување на одбранбената соработка во март минатата година, а и тогаш официјален Белград изрази противење на ваквата форма на регионална безбедносна соработка.