Лидерот на СДСМ, Венко Филипче преку објава на социјалните мрежи навести дека денеска одбележуваме 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, за кој вели дека е еден од визионерите кој ги постави темелите на македонската државотворност. Според Филипче, делата на Делчев се нашиот потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
„Неговата порака за “светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес е јасен повик дека Македонија мора да оди напред, кон модерна, просперитетна и европска држава, а не назад во изолација.
Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика. Да го продолжиме аманетот на Делчев, да градиме напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.
Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, објави лидерот на СДСМ.
Денеска се одбележуваат 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.
Централното чествување по повод раѓањето на великанот Гоце Делчев ќе биде во дворот на црквата „Свети спас“ во Скопје, каде што цвеќиња ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, делегација од градот Скопје, како и делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија.