„Од каде знаеме дека поминала од Македонија“ – вака рече денеска премиерот Христијан Мицкоски откако од надлежното Обвинителство во Србија за петте тони марихуана, соопштија дека осомничените, кои дејствувале како организирана криминална група на меѓународно ниво, во јануари годинава набавиле повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.
Премиерот кратко додаде дека „треба да се воздржиме од било какви тврдења, се додека истрагата не даде резултати“.
-Тие резултати ќе дадат одговор на многу од овие информации, од кои голем дел се и дезинформации, кажа Мицкоски.
По големите реакции во јавноста, и Јавното обвинителство во Македонија има оформено предмет во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија.
„Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“, одговориле од ОЈО.
За потсетување, српската полиција на 29 јануари соопшти дека во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал запленила пет тони марихуана во реонот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија. Во врска со случајот, српските власти уапсија три лица на кои Вишиот суд во Белград им одреди притвор, а истрага е поведена против вкупно петмина осомничени.
Како што пренесоа српските медиуми, според неименувани извори од истрагата, еден од осомничените ја транспортирал дрогата преку границата со Македонија до магацинот во Коњух.