Вучиќ без наследник во својата партија, дали претседателот на Србија повеќе нема да се избира на избори?

Сè поизвесно е дека српскиот претседател Александар Вучиќ повторно планира да ја преземе премиерската функција, додека владејачката Српска напредна странка (СНС) се соочува со сериозен проблем, нема кандидат кој сигурно би победил на претседателските избори.

од desk4
11 прегледи Фото: Фејсбук/ЕУ во Србија

Сè поизвесно е дека српскиот претседател Александар Вучиќ повторно планира да ја преземе премиерската функција, додека владејачката Српска напредна странка (СНС) се соочува со сериозен проблем, нема кандидат кој сигурно би победил на претседателските избори.

Иако во јавноста како можни наследници се споменуваа Томислав Николиќ, Ана Брнабиќ и Милош Вучевиќ, ниту едно од тие имиња, според проценките, не гарантира изборна победа. Поради падот на рејтингот на СНС, забележан во повеќе истражувања на јавното мислење, губењето на претседателската функција би претставувало тежок удар за партијата.

Како можен излез од оваа ситуација се појави предлогот на лидерот на радикалите Војислав Шешељ, кој предложи промена на Уставот со која претседателот на државата повеќе не би се избирал директно од граѓаните, туку во Собранието, каде што СНС има двотретинско мнозинство неопходно за уставни измени.

Шешељ изјави дека изборот на претседател од страна на парламентот е „подемократски“, бидејќи овозможува и негова смена. „Луѓето мислат дека е најдемократски кога народот директно избира, но тогаш претседателот не може да се смени“, рече тој.

Опозицијата остро реагираше на ваквите најави. Потпретседателот на Странка на слободата и правдата, Борко Стефановиќ, оцени дека Шешељ јавно го изговара она што Вучиќ го мисли. Според него, предлогот оди во насока на дополнително слабеење на врската меѓу граѓаните и директно избраниот претставник и зајакнување на автократскиот модел на владеење.

„Ако Вучиќ не може лично да биде избран од граѓаните, тогаш директниот избор не му е важен. Тоа покажува дека сака силна премиерска позиција, додека функцијата претседател би се свела на формалност“, изјави Стефановиќ, додавајќи дека не би бил изненаден доколку иницијативата за промена на Уставот навистина стигне до Народна скупштина.

Тој потсети дека постапката за измена на Уставот може да ја покренат најмалку една третина од пратениците, претседателот на државата, Владата или најмалку 150.000 гласачи, а за нејзино усвојување е потребно двотретинско мнозинство. Србија последен пат го менуваше Уставот по референдумот во јануари 2022 година, кога беа направени измени поврзани со правосудниот систем и неговото усогласување со стандардите на Европската унија.