Во Скопје продолжува обемната полициска акција поврзана со заплената на околу пет тони марихуана во соседна Србија, за која српските медиуми објавија дека потекнува од македонска територија.
Според информациите, попладнево десетина комби-возила, како и пет до шест камиони и повеќе полициски возила влегле во кругот на поранешната фабрика ОХИС, каде што од синоќа се спроведуваат интензивни активности.
Локацијата е под силно полициско обезбедување, а пристапот за јавноста и медиумите е целосно оневозможен. Акцијата ја спроведуваат припадници на Министерство за внатрешни работи (МВР), но засега нема официјални информации за приведени лица или за тоа какви активности конкретно се извршуваат во објектот.
Се очекува надлежните институции во текот на деновите што следуваат да излезат со повеќе детали за случајот и за можната поврзаност на локацијата со запленетата дрога во Србија.