Германската влада соопшти дека уништила приближно три милијарди неискористени заштитни маски за лице, набавени на почетокот на пандемијата на ковид-19, јави германската новинска агенција dpa. Според одговорот на Федерално министерство за здравство на Германија на пратеничко прашање од Зелените, околу половина од речиси шесте милијарди маски биле испратени на „термичка обработка“ – процес на рециклирање што вклучува согорување со цел производство на енергија.
Досега владата потрошила околу осум милиони евра за рециклирање, кое го спроведуваат компании избрани преку постапка за јавна набавка. Масовното уништување на неискористена медицинска опрема повторно ја разгоре политичката дебата за начинот на трошење јавни средства од страна на ресорното министерство.
Купени повеќе отколку што било потребно
Федералниот ревизорски суд на Германија во 2024 година утврди дека министерството набавило 5,7 милијарди маски по цена од околу 5,9 милијарди евра, иако „реалната побарувачка била значително помала“. Германскиот магазин Der Spiegel објави дека до крајот на 2026 година се очекува дополнително уништување на уште 85 милиони маски поради истек на рокот на употреба.
Дополнително, околу 360 милиони маски и натаму се складирани, бидејќи во тек се правни спорови меѓу сојузната влада и добавувачите кои бараат исплата на неизмирени обврски. Се очекува и најголем дел од овие залихи со текот на времето да бидат уништени.
Според официјалните владини податоци што ги пренесува Der Spiegel, за време на пандемијата биле дистрибуирани вкупно 2,12 милијарди заштитни маски.