Извештај на ДЗР: Владиното бифе не издавало фискални, сериозни слабости со набавките на службени возила

Според извештајот, во текот на дел од 2024 година во владиното бифе не се издавале фискални сметки, а дневниот промет не се уплаќал редовно, туку по неколку месеци

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Сериозни слабости со набавките на службени возила, откри Државниот завод за ревизија. Според ревизорите, службата за општи и заеднички работи при владата, продолжува да обезбедува возила од висока класа по пат на лизинг за повеќе институции, без јасни процедури и упатства за планирање на реалната потреба, па се одлеваат големи пари од буџетот.

-Не се обезбедени информации од институциите дали во меѓувреме се сменила потребата за возило по пат на лизинг, ниту постои практика за детална анализа на економската оправданост – се забележува во ревизорскиот извештај и се укажува дека треба да се направи целосна анализа на трошоците и бенефитите, како и да се воведе конкуренција меѓу понудувачите при подготовката на техничката спецификација, бидејќи во последните три јавни набавки учествувал само еден понудувач.

Недостигот на стручност и континуирани обуки, дополнително ја продлабочува нестабилноста, се вели во извештај за 2024 година.

„Постои потреба од уредување на постапката за подготовка на техничката спецификација, со цел обезбедување конкуренција меѓу економските оператори од причина што во последните три постапки за јавна набавка учествува само еден понудувач“, стои во извештајот од ДЗР.

Слабост е и ангажирањето на лица преку приватни агенции за вработување, сметаат ревизорите, бидејќи според нив, договорите на определено време и на дело, директно влијаат врз континуитетот и квалитетот на услугите што ги обезбедува СОЗР.

„Значителниот број на вработени на определено време и привремено ангажирани лица, честата миграција и недоволното вложување во унапредување на стручните компетенции на вработените, создава ризик во обезбедување на континуитет и квалитет, при подготвувањето на финансиските извештаи за државните институции кои се корисници на овие услуги“, се вели во извештајот од ДЗР.

Недоследности се констатирани во дел на извршени услуги во угостителските објекти, односно рестораните и бифеата со кои управува СОЗР, каде што уплатата на средства за наплатени услуги во готово се вршела со задоцнување од неколку месеци, а во 2024 година се нотирани уплати на дневен пазар кои датираат од 2023 година. Констатирани се и значително ниски пријавени износи во одредени периоди.

Државниот ревизор констатирал и дека во СОЗР не се изготвува Книга на дневни финансиски извештаи со регистрирани податоци за вкупниот промет и ДДВ предвидени со Законот за регистрирање на готовински плаќања.

Според ревизорскиот извештај, во СОЗР работата 234 лица, од кои само 78% се вработени на неопределено време.