Александар Вучиќ предупредува: Воениот сојуз Тирана–Приштина–Загреб е закана за регионалниот мир

Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сериозна загриженост поради, како што го оцени, воениот сојуз меѓу Тирана, Приштина и Загреб, нагласувајќи дека станува збор за алијанса која има јасен одбранбен, но и потенцијално офанзивен карактер.

од desk4
13 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Novo jutro

Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сериозна загриженост поради, како што го оцени, воениот сојуз меѓу Тирана, Приштина и Загреб, нагласувајќи дека станува збор за алијанса која има јасен одбранбен, но и потенцијално офанзивен карактер.

Во изјава дадена во Младеновац, Вучиќ посочи дека не станува збор за класична воено-техничка соработка, како што се заеднички набавки на оружје, туку за суштински поинаков договор со пошироки безбедносни импликации.

„Ова не е договор од типот ‘јас купувам од тебе, ти купуваш од мене’. Станува збор за воен сојуз создаден за одбрана или за офанзивни дејствија против одредени територии, или за сојуз кој лесно може од одбранбен да прерасне во офанзивен“, изјави Вучиќ, пренесуваат регионалните медиуми.

Тој се запраша за причините за формирање на ваква алијанса, имајќи предвид дека Албанија и Хрватска веќе се членки на НАТО, додека Косово не е, што, според него, дополнително ја усложнува безбедносната слика во регионот.

Вучиќ истакна дека Србија располага со нови информации за плановите на сојузот, вклучително и, како што рече, барања на Приштина за дополнително вооружување од Соединетите Американски Држави и Турција. Според неговите зборови, Косово бара одобрение за набавка на американски хаубици од 105 милиметри, како и дополнителни противтенковски ракети, паралелно со разговори со Турција за друга воена опрема.

„Имаме целосен список и значајни разузнавачки информации. Се разгледуваат сите можни сценарија, од напад до одбрана“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека, иако како претседател има обврска да биде загрижен, граѓаните на Србија немаат причина за страв, наведувајќи дека капацитетите на српската армија се зголемуваат со забрзано темпо. Најави и набавка на најсовремена воена опрема, која, според него, ја поседуваат „една или ниту една земја“ во Европа.

„Кај мене нема лесни пораки. Ќе биде тешко, но на другите ќе им биде уште потешко“, изјави српскиот претседател.

Вучиќ воедно оцени дека не е тајна оти Хрватска, според него, е вклучена во случувањата во Србија, вклучително и протестите и блокадите, додавајќи дека за такви заклучоци не се потребни разузнавачки служби.

„Доволно е да се погледне со голо око. Се надеваат на враќање на периодот од 2000 до 2012 година, но тоа нема да се случи“, порача Вучиќ.