Дали Доналд Трамп е виновен за падот на биткоинот?

Биткоинот се опорави по падот до 60.000 долари, но и натаму останува отворено прашањето дали таканаречениот „Трампов ефект“ е една од главните причини за актуелната криза на криптопазарот

од desk4
19 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Ен-Би-Си Њуз

Биткоинот се опорави по падот до 60.000 долари, но и натаму останува отворено прашањето дали таканаречениот „Трампов ефект“ е една од главните причини за актуелната криза на криптопазарот

Почетокот на тргувањето во Европа донесе умерен оптимизам, утрово со биткоин се тргуваше над 66.400 долари. Сепак, причините што доведоа до падот сè уште се присутни. Меѓу нив се големата изложеност на инвеститорите кон технолошките акции, силната меѓусебна поврзаност на ризичните средства, како и сè поголемите сомнежи околу приказната за биткоинот како „сигурно засолниште“.

Биткоинот и технолошките акции се движат заедно

Податоците покажуваат дека цената на биткоинот во последните години често се движела во иста насока со цените на големите технолошки акции, особено оние поврзани со вештачката интелигенција. Кетлин Брукс од брокерската куќа XTB објаснува дека биткоинот и американскиот берзански индекс Nasdaq имаат умерена корелација, но врската со акциите од AI-секторот е уште поизразена.

Причината за тоа, според Брукс, е ликвидноста, капитал што инвеститорите брзо го префрлаат меѓу различни облици на ризична имотнина. Кога цената на биткоинот расте, дел од оптимизмот се прелева и кај технолошките акции. Но кога биткоинот почнува да паѓа, истиот механизам делува во спротивна насока и дополнително ги притиска цените на акциите.

Дали Трамп е виновен за крипто-проблемите?

Зборувајќи за т.н. Трампов фактор, Брукс смета дека деловните интереси на семејството на Доналд Трамп во крипосветот може да бидат проблематични, но не се главната причина поради која инвеститорите се повлекле од криптовалутите.

Според неа, поголем проблем е поширокиот политички и геополитички контекст. Изјавите и потезите на Трамп од закани кон сојузници до притисоци врз независноста на американската централна банка создаваат несигурност. Бидејќи криптовалутите сè уште имаат ограничена реална примена, во вакво опкружување тие стануваат уште помалку привлечни за инвеститорите.

Инвеститорите го намалуваат ризикот

Брукс посочува и дека во последните месеци инвеститорите станале повнимателни кон имотнината чии цени достигнале рекордни нивоа. Криптовалутите први се нашле под удар бидејќи за многумина изгледале преценети. Започнала продажба, а малкумина биле подготвени да го искористат падот за купување.

Сличен образец сега се забележува и на пазарот на сребро, а делумно и на златото. Станува збор за поширок процес во кој инвеститорите повторно проценуваат колку ризик се подготвени да преземат.

Клучни нивоа што сите ги следат

Ален Динг од компанијата Bitfire предупредува дека состојбата и натаму е нестабилна. Доколку биткоинот не успее да ја задржи цената над 60.000 долари, па дури ни над 58.000, можно е ново, подлабоко паѓање.

Според него, посилниот пад започнал откако биткоинот го пробил нивото од 74.000 долари. Иако техничките индикатори сугерираат можен краткорочен опоравок, вниманието сега е насочено кон клучните нивоа под кои би можел дополнително да се засили продажниот притисок.

Поширок потрес на пазарите

Динг заклучува дека сведочиме на повлекување на инвеститорите од ризични имоти воопшто. Цените на среброто нагло паднаа, корејскиот пазар на акции и Nasdaq се под притисок, а очекувањата поврзани со потезите на американската централна банка се променија.

Големите инвеститори повлекуваат средства од фондовите што ја следат цената на биткоинот, интересот на професионалните инвеститори слабее, а присилните продажби дополнително ги туркаат цените надолу.