Првиот човек на СОЗР смета дека Владата треба да набави нов блиндиран „мерцедес“ за специјални гости од странство

-Премиерот Орбан кога беше во посета на Македонија, во Охрид, сам си донесе блиндирано возило бидејќи ние немаме такво возило односно нашето не ги исполнува безбедносните протоколи кои што тие си ги имаат зацртано, кажа Томовски

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: Фејсбук

Директорот на Службата за општи и заеднички рабoти Ивица Томовски денеска на брифинг со новинарите, во однос на забелешката на ревизорите за стариот возен парк и лизингот на возила во Службата, рече дека Службата располага со 45 нови возила на лизинг и 220 стари возила од кои над 104 веќе се расходувани, но поголем број и од другите се за расходување. Дел од нив се користат за организирање настани.

-Ние имаме едно блиндирано возило „мерцедес“ кое се користело од 2017 до денес. Доста е старо и можеби треба да се набави ново, но не сме размислувале за таа работа. Меѓутоа, кога ќе доаѓаат специфични гости од странство, вие морате да имате такво специфично возило. Можам конкретен пример да дададам – премиерот Орбан кога беше во посета на Македонија, во Охрид, сам си донесе блиндирано возило бидејќи ние немаме такво возило односно нашето возило не ги исполнува безбедносните протоколи кои што тие си ги имаат зацртано, кажа Томовски.

Првиот човек на СОЗР исто така не се откажува од набавката на нов владин авион. Смета дека државата ако сака да биде сериозна, треба да има сериозен имот, возила и авион.

-Имаме премал авион кој често е на поправки. Тој е премал и има шест седишта и не може да се користи за соодветна делегација. Размислуваме за набавка на поголем авион со над 14 седишта и кој ќе може да се користи и за медицински превоз, истакна, меѓу другото, Томовски.