Земјите од регионот инвестираат милијарди, македонскиот аграр тоне

Во нашиот аграр има многу парадокси, поради погрешните државни политики и непланското производство ги губиме пазарите надвор, изјави за „Локално“, Ѓорѓи Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа

од Vladimir Zorba
59 прегледи Фото: МЗШВ

Додека земјите од регионот сериозно се борат со предизвициите во земјоделството и издвојуваат големи суми за зголемување на производството на храна, нашиот аграр тоне. Се доделуваат субвенции на големите земјоделски стопанства и компании кои не се примарно насочени кон земјоделска дејност, а вистинските земјоделци остануваат без доволна државна поддршка.

За споредба Србија годишно издвојува една милијарда евра за поддршка на земјоделскиот сектор за производство на храна, Бугарија 1,6 милијарди евра, Грција 3,6 милијарди евра…

-Во нашиот аграр има многу парадокси, поради погрешните државни политики и непланското производство ги губиме пазарите надвор. Ние имаме моменти на хиперпродукција и на недостиг на производи, а пазарот бара континуитет во снабдувањето. Поради овие причини не сме конкурентни на странските пазари и покрај тоа што квалитетот на нашите производи е далеку подобар од производите од Албанија, Грција, Турција…., изјави за „Локално“, Ѓорѓи Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа.

Ѓорѓи Каракашев; Фото: Јутјуб/Принтскрин/Поткаст

Според статистиката увозот на земјоделски производи одамна надмина една милијарда и изнесува 1,3 милијарди евра.

Земјоделците сметаат дека за да се надмине проблемот со увоз на храна и да се зголеми домашното земјоделско производство потребна е јасна државна стратегија и финасиски средства за имплементација на истата.

-Со оваа стратегија треба да ги утврдиме приоритетите и временската рамка за производство на одредени земјоделски култури. Така на пример ако имаме дефицит од некој производ наместо истиот да се увезува државата треба да го поттикне производството на тој производ. Со сегашните аграрни политики за кратко време ќе бидеме прегазени од соседните држави, нема да може да бидеме конкурентни во никој сектор и ќе се станеме земја која е 100 отсто зависна од увоз на храна, вели Каракашев.

Фото: МЗШВ

За споредба, Словенија годишно дава 2.000 евра за една крава, а кај нас субвенциите по грло добиток изнесуваат 8.000 денари. Во Словенија просечно земјоделско стопанство по разни основи годишно добива од 30 до 50 илјади евра, а поддршката за млади земјоделци изнесува 100 илјади евра, а кај нас само 10 илјади евра за ограничен број апликанти.

Б.С.