Османи: ВЛЕН молчат кога станува збор за Стоилковиќ, а го напаѓаат албанскиот амбасадор

„Координиран напад врз албанскиот амбасадор од луѓето на Мицкоски во Владата“, обвинува потпретседателот на ДУИ

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи реагираше на критиките упатени кон албанскиот амбасадор во земјава, опишувајќи ги како координирани и поттикнати од страна на албански претставници во Владата, кои, според него, се блиски до премиерот Христијан Мицкоски.

Според Османи, реакциите кон амбасадорот започнале веднаш откако тој почнал отворено да зборува за, како што ги нарекува, антиалбанските политики на актуелната извршна власт.

„Во моментот кога албанскиот амбасадор почна отворено да зборува за антиалбанските политики на оваа влада, започна координиран напад против него од страна на омилените Албанци на Мицкоски во Владата. Истите луѓе кои не гледале проблем кога го прифатиле Стоилковиќ за вицепремиер, личност која е продолжена рака на Белград и Бања Лука, денес имаат проблем со албанскиот амбасадор кој не молчи“, пишува Османи.

И, додава тој, сето ова се случува додека понижувањето на албанските студенти се одвива на јавната сцена, преку „предавања“ што министрите на ЗНАМ им ги држат на Албанците во Владата.

Тој смета дека овие постапки укажуваат на несоодветна политичка и институционална клима за Албанците, што предизвикува загриженост за насоката во која се движи јавниот и политичкиот дискурс во земјата.

Реакцијата на потпретседателот на ДУИ доаѓа откако вчера, дел од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами и Изет Меџити, ја „обвинија“ официјална Тирана и амбасадорот Денион Мејдани за водење дневна партиска политика. Следеше реакцијата на амбасадорот, кој одговори дека „ние не се занимаваме со дневна политика, туку со државна политика“.