Трендафилов на блокадата пред работодавачите: Власта се заканува дека ќе ги заокружува сите кои протестираат за корка леб

Упатувам и порака до работниците - само еден од десет ваши колеги се бори за вашите плати. Можете да замислете што ќе беше ако се боревме 8 до 10 вработени и од 540 илјади работници, само 100 илјади излезевте на улиците, рече претседателот на ССМ

од Nikola Popovski
105 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Инфомакс

Синдикалците денеска излегоа на протест пред Стопанската комора и Организацијата на работодавачи на две места по 21 човек, поради, како што велат, дека ги следат, ги заокружуваат и им се закануваат да не дојдат на протест. Според Слободан Трендафилов од ССМ, газдите со незголемувањето на платите избркаа цели семејства во странство. Обвини дека газдите се слепи послушници на Владата и потенцира дека Владата не им е пријател.

-Истите газди кои се позади нас, не дозволуваат синдикално организирање во најголемиот дел на приватниот сектор и забрануваат синдикати. Упатувам и порака до работниците – само еден од десет ваши колеги се бори за вашите плати. Можете да замислете што ќе беше ако се боревме 8 до 10 вработени и од 540 илјади работници, само 100 илјади излезевте на улиците и дали денес ќе требаше да продолжуваме со блокадите. И покрај сите притисоци, нема да се откажеме. За да немаше ограничување од 21 човек на улица, денеска ќе стоев сам за да не снимаат и сликаат ниту еден работник, рече Трендафилов.

За најавениот генерален штрајк, првиот синдикалец во државата вели дека само еден ден затворање на компаниите, државата и институциите, Македонија ќе ја чини многу повеќе од цело годишно зголемување на работничките плати и многу повеќе од тоа што сега треба да ги покрие придонесите за задолжително социјално осигурување.

Трендафилов ја коментираше и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.

-Било кажано дека сега сум господин, дека не сум бил политички определен и дека уште пострашно – дека сега ќе ги заокружуваат луѓето кои доаѓаат на протестите и бараат корка леб, дека сега ќе ги објавувале, како што го објавуваа моето семејство. Никој на никого не му должи ништо во оваа држава и никој на никого не смее да му се плаши, додаде претседателот на ССМ.

Слични содржини