Jовановиќ за новиот трговски договор: Не можеме ние да извезуваме многу во Америка, тоа е илузија која нема економска логика

Целата помпа која ја прави Владата околу трговскиот договор со САД е блед пи-ар бидејќи очајно им треба некаков економски успех, за да ги прикријат економските неуспеси дома, како скапотијата и ниските плати, истакнува професорот за „Локално“

од Nikola Popovski
76 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ CEF

Америка е просто предалеку и транспортните трошоци се превиски. Бидејќи транспортот е прескап, теоретски можеме да извезуваме или скапи производи, или производи во огромни количини. За второво немаме капацитет, едноставно сме премала земја. За првото, немаме такво производство. Ете извезуваме автобуси, ама и тоа е ограничено, не можеме да го зголемиме тој извоз пет пати, не произведуваме толку автобуси.

Македонија и САД усогласија рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, вклучувајќи царини, нетарифни бариери, дигитална трговија, енергетски сектор, зајакнување на економската и националната безбедносна трговија, заштита на животната средина и интелектуална сопственост. САД ќе ги задржат 15 проценти тарифи за македонски производи, но за некои кои се стратешки нема да има царина.

Македонија во САД извезува тутун во лист, мадраци, ајвар, полнети чоколада, електрични кондензатори, муниција и нејзини делови, други машини и уреди, електрични спроводници за во телекомуникациите. Покрај ова најголема ставка се автобусите од „Ван Хол“, кои пред да заминат во САД, одат во матичната фабрика во Белгија, каде што се финишира производството и потоа бродски се транспортираат. Во одредбите стои и дека двете држави ќе поддржат отворена дигитална економија, без воведување данок на дигиталните услуги.

Според договореното, Македонија ќе ги укине царините за сите американски индустриски и земјоделски производи, за дигиталните услуги и електронски трансмисии, набавка на американски течен природен гас преку новиот гасен интерконектор од Грција.

-Трговската агенда на претседателот Трамп ги продлабочува нашите трансатлантски врски со клучен партнер во Балканскиот регион. Оваа објава ги поставува темелите за договор за реципрочна трговија за да се унапреди нашето економско партнерство, истовремено отстранувајќи ги административните пречки за американските земјоделци и производители, велат од Канцеларијата на претставникот за трговија на САД.

Сепак, за дел од експертската јавност, договорот нема да донесе апсолутно ништо, затоа што, како што велат, само 1 % од македонскиот извоз завршува во САД, и затоа што се виде дека царините имаат минимален ефект врз меѓународната трговија. За професорот и економски истражувач во Виенскиот Институт за меѓународни економски студии, Бранимир Јовановиќ, извозот во Америка не запре кога Доналд Трамп ги воведе царините минатата година. Напротив, според него, светската трговија во 2025 првпат надмина 35 трилиони долари и беше највисока во историјата.

Соговорникот истакнува дека не знае кои се тие производи кои ќе имаат нула стапка, но тоа повторно нема да има никаков ефект.

-Пред Трамп да дојде на власт, македонскиот извоз во САД имаше царинска стапка од околу 2%, па ние пак не извезувавме скоро ништо, освен автобусите. Не можеме ние да извезуваме многу во Америка, тоа е илузија која нема економска логика. Америка е просто предалеку и транспортните трошоци се превисoки, објаснува Јовановиќ и додава дека бидејќи транспортот е прескап, теоретски можеме да извезуваме или скапи производи, или производи во огромни количини.

-За второво немаме капацитет, едноставно сме премала земја. За првото, немаме такво производство. Ете извезуваме автобуси, ама и тоа е ограничено, не можеме да го зголемиме тој извоз пет пати, не произведуваме толку автобуси, наведува Јовановиќ.

Професорот потенцира дека целата оваа помпа која ја прави Владата околу овој договор ја гледа како блед пи-ар, бидејќи, дециден е дека очајно им треба некаков економски успех, за да ги прикријат економските неуспеси дома, како скапотијата и ниските плати.

Н.П.