СДСМ го осуди однесувањето на Вучиќ кон Шекеринска: „Навреди наместо аргументи, што открива длабоко вкоренет шовинизам и понижување на жените“

„СДСМ недвосмислено ја поддржува Шекеринска, која нема никаква врска со обвинувањата за сецесионизам и која секогаш се залагала за дијалог и стабилност на Западен Балкан“, велат од опозициската партија

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/РТВ1

СДСМ го осуди навредливото однесување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на маргините на Минхенската безбедносна конференција 2026 година. Од партијата велат дека „познат по тоа што ги навредува сите оние кои не ги делат неговите ставови или му пречат, овој пат негова цел беше Радмила Шекеринска, заменик-генерален секретар на НАТО“.

-Вучиќ малициозно нагласи дека „оваа жена и луѓето кои доведоа до сецесија“ (нагласувајќи го нејзиниот пол на понижувачки начин, како тоа да е релевантно за аргументот), ја обвини Шекеринска дека има врска со сецесијата на 13-14% од територијата на Србија (мислејќи на Косово).

Ова е класичен пример за стилот на Вучиќ – навреди наместо аргументи, што открива длабоко вкоренет шовинизам и понижување на жените.

Таквиот однос кон жените не е само личен манир на Вучиќ, туку претставува системски проблем во политичките кругови каде жените на високи позиции често се таргетираат врз основа на нивниот пол, со што се девалвираат нивните професионални достигнувања и придонеси, порачаа од најголемата опозициска партија.

Од СДСМ велат дека недвосмислено ја поддржуваат Шекеринска, која нема никаква врска со обвинувањата за сецесионизам и која секогаш се залагала за дијалог и стабилност на Западен Балкан.

-Нејзината улога во НАТО е доказ за силата и компетентноста на жените во меѓународната политика, а ваквите напади ги гледаме како обид за минимизирање на таквите успеси.

СДСМ е длабоко посветен на рамноправноста на жените и активно работи на промоција на родовата еднаквост во сите сфери на општеството.

Како партија со долга традиција во борбата за женските права, СДСМ иницираше бројни програми и закони кои ги поддржуваат жените во политиката, економијата и општеството. За разлика од авторитарните режими, како оние на Вучиќ и на ВМРО, кои користат шовинизам за да ја одржат моќта, СДСМ верува дека рамноправноста е основа за напредно општество, наведуваат од „Бихаќка“.

Вучиќ од Минхенската безбедносна конференција ја критикуваше заменик-генералната секретарка на НАТО, во врска со изјавата во која таа посочи дека Хрватска и Албанија се сигурни партнери на НАТО и дека придонесуваат за мирот и стабилноста во регионот, алудирајќи на соработката на двете членки на Алијансата со Косово во поглед на одбраната.

„За жал, Радмила Шекеринска зборуваше за други работи што немаат многу смисла. Сакајќи, претпоставувам, да ја критикува Република Српска, таа зборуваше за својата загриженост во врска со некои сецесионистички изјави и одлуки во регионот што не придонесуваат за мирот и сè друго. Ова ни го кажуваат жената и луѓето што доведоа до сецесија, барем според нив, на дел од територијата на Србија – помеѓу 13 и 14 проценти од територијата на Србија“, рече Вучиќ.

Тој им порача на оние што зборуваат така да покажат малку почит кога зборуваат за Србите.

„Внимавајте што зборувате“, кажа Вучиќ, додавајќи дека не треба да зборуваме за фактот дека Шекеринска не се сеќава дека некој убил 16 вработени во РТС, но се сеќава дека во Бањска бил убиен еден албански полицаец, а исто така не се сеќава дека тројца Срби биле ликвидирани ладнокрвно.