Нацрт-извештајот на европратеникот Томас Вајц, кој ќе биде разгледан во Европскиот парламент, испраќа јасна порака: македонскиот пристапен процес е во застој, но вратата за членство останува отворена.
Формулацијата дека „процесот на пристапување е сопрен“ се чита како политичко предупредување дека реформите не напредуваат со очекуваното темпо, а не како вовед во нови формални блокади.
Високи извори во Министерство за надворешни работи брифираат за Локално дека документот на Вајц се оценува како реалистичен пресек на состојбите. Како што дознаваме, во Министерството сметаат дека нема нови услови ниту промена на преговарачката рамка, туку повторување на клучните приоритети: владеење на правото, борба против корупцијата и функционално правосудство.
Од таму посочуваат дека извештајот може да се искористи како поттик за засилување на реформската динамика, наместо како негативен сигнал.
Особено чувствителен дел е темата за уставните измени и можните билатерални пречки, пред сè во односите со Бугарија.
Дипломатски извори брифираат дека очекуваат поактивен ангажман од европските институции за надминување на застојот, со оглед на новата геополитичка реалност и зголемената потреба од стабилност на Балканот.
Во извештајот се нотираат и позитивни елементи – усогласеноста со заедничката надворешна политика на ЕУ, напредокот во енергетиката и инфраструктурните коридори, како и конструктивната регионална улога.
Според нашите соговорници, тоа ја позиционира Македонија како стабилен партнер, особено во период на безбедносни и геополитички турбуленции.
Сепак, пораката од Брисел е недвосмислена: без конкретни резултати во клучните реформски области, напредок нема да има. Извештајот нема директна извршна сила, но влијае врз политичката атмосфера и перцепцијата во ЕУ.

Фото: Х/Принтскрин
Доколку во наредниот период се демонстрира видлив напредок, документот може да послужи како аргумент за оживување на процесот. Во спротивно, оценката за „застој“ ризикува да стане долгорочна етикета.
Дополнително, дипломатските извори посочуваат дека извештајот треба да се чита и во контекст на пошироката европска дебата за проширувањето.
По руската агресија врз Украина и забрзаните преговори со некои други кандидати, се создава нова динамика во која кредибилитетот на процесот е под лупа.
За Македонија, тоа значи дека секој застој се перципира како тест за способноста на институциите да испорачаат стабилност и предвидливост.
Дипломатите со коишто разговаравме проценуваат дека наредните месеци ќе бидат клучни, особено во делот на правосудните реформи и имплементацијата на антикорупциските механизми.
Од друга страна, пак, премиерот Христијан Мицкоски вчера порача дека во Брисел наводно постои сценарио според кое Македонија може да влезе во европското семејство, но без право на глас.
-Првото сценарио е Украина заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија да стане земја членка на ЕУ и тоа да се случува на почетокот на 2027 година – да седне на масата, да се развиори македонското знаме во Брисел, но без право на глас. Да учествуваме во работата на советот, комисиите, телата, но без право на глас со многу внатрешни контролни механизми. Како ќе ги затвора поглавјата, земјата постепено да се интергрира сè додека целосно не го адаптира својот систем на она што го бара ЕУ – изјави премиерот.
Мицкоски ветува дека Владата ќе работи на решение за откочување на евроинтеграциите, но не под притисок, а како што рече, ќе биде проактивна и во процесот за изнаоѓање решение за проблемот наследен од претходната власт.
Б.Т.