БИЗНИС СО „МАРИХУАНА“: 9 Компании не доставуваат извештаи, дел со блокирани сметки – во најава одземање на лиценци!

Според потврдени информации на „Локално“ на официјалната листа на наделжните органи, 34 компании се водат како „активни“,  со важечка  лицена за одгледување и производство на марихуана.

од Vladimir Zorba
48 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Newsmax Balkans

Вкупно 61 компанија се уште е или била дел од бизнисот со одгледување и производство на марихуана за медицински цели. Според потврдени информации на „Локално“ на официјалната листа на наделжните органи, 34 компании се водат како „активни“,  со важечка  лицена за одгледување и производство на марихуана. Се работи за девет фирми од Скопје, по неколку од Струмица, Куманово, Велес, има и од Ново Село, Валандово, Петровец, Кочани, Кавадарци,  Гостивар, Битола, Врапчиште.

На втората „листа“ активни компании кои имаат лиценца но не доставуваат извештаи до надлежните органи се наоѓаат 9 правни лица од кои најголем дел се од Скопје, но има и од Струга и Демир Хисар.

На третата „листа“ пак се фирми кои добиле лиценца за одгледување и производство на марихуана за медицински цели, но дозволата за работа им е одземена. Тука се наоѓаат вкупно 18 компании од различни градови – Свети Николе, Кочани, Демир Капија, Ново Село, Зелениково, Кривогаштани , Струмица, Битола.

Министерот за здравство најави дека во тек е постапка за одземање на лиценците за работа на шест компании. „Локално“ веќе објави податоци за финансиското работење на дел од фирмите од овој бизнис. Билансите покажаа изненадувачки бројки – голем дел од фирмите во 2024-та прикажале загуби во работењето кои се движеле од 20.000 евра па до 1.400.000 илјади евра. Анализата на податоците за опфатените компании покажа дека иако на годишно ниво, во 2024-та во  однос на 2023-та, дел од фирмите прикажале значаен пораст на приходите, во исто време генерирале уште поголем расход, поради што и пријавиле минус во финансиското работење.

Една од компаниите со повисоки приходи е  НЈСК ХОЛДИНГ ДООЕЛ Скопје, која во 2024-та прикажува нето добивка од 140.000 евра што е за 546% повеќе во однос на 2023-та . Приходите во 2024-та во однос на 2023-та се зголемиле за скоро 69% а расходите за речиси 68% пришто  прикажала позначајни приходи во 2024-та во висина од близу 11.200.000 евра.

Според последните достапни податоци од Бизнис-мрежа за финансиското работење на компаниите за производство на марихуана, дел од овие фирми се со блокирана жиро сметка како што се ГОЛД ЛЕАФ ЕУРОПЕ ДООЕЛ Скопје, ГМ ЛАЈТ МЕДИКАЛ ДОО увоз-извоз Скопје, ЕУРО КАНН ДОО Демир Хисар, ГРИН БОКС КУЛТИВАЦИЈА ДОО Скопје веќе е во стечај.

По заплената на 5 тони марихуана во Србија, за која српските власти посочија дека е со потекло од Македонија, по налог на Владата се изврши контрола во дел од фирмите од овој бизнис по што беше соопштено дека се запленети 40 тони марихуана за кои се тврди дека постојат „нелегално“.

За запленетата марихуана во Србија со потекло од Македонија, според информациите од МВР, до сега се приведени десет лица.

Д.А.