Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска излезе со став по веста за апсењето на екс-вицепремиерот и министер Артан Груби на граничниот премин Блаце, нагласувајќи дека по година и пол бегство, правдата конечно го добива своето место.
За потсетување на јавноста, вели Петрушевски, криминалот на бегалецот од правдата, Груби достигна вредност од минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а има индиции дека оваа сума може да надмине десетици милиони евра, пари украдени од граѓаните.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници.
Груби крадеше, СДС молчеше и одобруваше. Сега е време на одговорност. Борбата против криминалот и корупцијата е приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и секој кој се огрешил пред законот ќе се соочи со правдата“, порача Петрушевски.
Заврши бегството на екс-вицепремиерот. Утринава сам се пријавил на граничниот премин Блаце и од таму беше спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Тој се бараше со меѓународна потерница за злоупотреба на службената положба.