Груби доби куќен притвор бидејќи се пријавил доброволно и во „Шутка“ не може да му се гарантира безбедноста

„Индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, стои во соопштението на ОЈО

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Куќен притвор и одземање на патната исправа за поранешниот вицепремиер Артан Груби. Според решението на кривичниот суд Скопје, претходно определената мерка притвор, се заменува со поблага мерка, на предлог на Јавното обвинителство, откако осомничениот беше сослушан, во присуство на бранител.

Пред да биде изведен пред судија на претходна постапка, Груби беше на речиси шестчасовен распит во скопското Обвинителство. Предлогот за поблага мерка за обезбедување го образложуваат со неговото доброволно пријавување пред органите на прогонот, но и поради тоа што во затворското притворското одделение, не можела да се гарантира неговата лична безбедност.

„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука.

На барање на второосомничениот преку неговата одбрана истиот во текот на денешниот ден беше спроведен пред надлежниот обвинител каде вршеше увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што на второосомничениот ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.

По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, стои во целосното соопштение на ОЈО.

Екс-вицепремиерот беше приведен по 14 месеци бегство на ГП „Блаце“. Тој е осомничен за проневера во службата, односно за проневера на 8 милиони евра од Државна лотарија на Македонија. За него беше распишана и меѓународна потерница.

Истрагата за Груби и уште петмина беше отворена во 2024-та година. Тој е осомничен дека на владина седница, во својство на вицепремиер, дал дозвола за купување на 2.000 апарати за игри на среќа, кои никогаш не биле искористени.