Американско-иранските тензии: Економски гамбит на Блискиот Исток или зародиш на нов глобален економски поредок?

„Во услови кога се уште ги апсорбира последиците од веќе ограничениот пристап на пазарите на енергенси заради наметнатите санкции и забрана за увоз на нафта и нафтени деривати од Руската Федерација, Европа во моментот е во релативно високо ризична позиција, особено индустриите на земјите-мотори на ЕУ“

од Nikola Popovski
114 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/TOI

Американско-иранските тензии повторно ја разгоруваат дискусијата за ранливоста на глобалната економија на геополитички тензии, во услови на постоечки регионални конфликти како руско-украинскиот конфликт, воената интервенција на Израел во појасот Газа и американската интервенција во Венецуела. Со оглед на фактот дека САД и останатите т.н. Западни сојузници имаат воведено низа економски санкции за иранската економија, а како резултат на тоа обемот на трговска размена помеѓу САД и Иран е ограничен, конфронтацијата може да влијае врз глобалната економија преку три клучни канали, трговијата со нафта и нафтени деривати, финансиските текови и очекувањата на стопанството во однос на идните состојби на глобалните снабдувачки синџири.

Првиот канал на трансмисија на кризата врз глобалната економија се карактеризира по тоа што Иран има значаен удел од вкупното производство на нафта во рамките на ОПЕК, што го прави значаен играч во глобалната трговија со нафта и нафтени деривати. Од географска гледна точка, положбата на Иран овозможува целосна контрола на Ормутскиот теснец каде што се одвива  речиси една петтина од светската трговија на нафтата, што дополнително ја зајакнува позицијата на Иран и дава простор за подобра преговарачка позиција. Во услови на пораст на тензиите, самата закана за затворање на теснецот предизвикува раст на премијата за ризик и инфлациски притисок во Европа како континент зависен од увоз на нафта и нафтени деривати. Оваа ситуација во голема мера влијае врз финансиската стабилност на земјите увознички на нафта, токму заради превентивното затегнување на монетарната политика која сеуште не е стабилизирана од глобалниот раст на инфлацијата. Иако контрадикторно, затегнувањето на односите помеѓу Иран и САД и растот на воените тензии имаат позитивно влијание врз американската економија заради тоа што капиталот станува, генерално конзервативен и прибегнува кон сигурно засолништа кои традиционално се златото и американските обврзници, истовремено зајакнувајќи го доларот, што може привремено да ја зголеми побарувачката за американски финансиски инструменти, а истовремено да ја намали конкурентноста на извозот.  Во однос на глобалните снабдувачки синџири, Иран ретко се јавува како клучна алка, но има силно влијание врз пазарните цени на индустриските суровини и материјали заради тоа што искуството покажува дека секој конфликт на Блискиот Исток ги поттикнува цените на транспортот и ја зголемува премијата за ризик. Преминувањето на тензијата од краткорочна кон долгорочна, неминовно условува деглобализација и премин кон регионализација како нов економско-политички модел кој ќе придонесе за стекнување енергетска и поголем степен на независност во снабдувањето со суровини и материјали. Дополнително, веќе започнатиот процес на дедоларизација од страна на БРИКС како регионална интеграција, на долг рок може да во голема мера да ја загрозат позицијата на САД како единствена економска и политичка сила во светот.

Филип Тасковски/Фото: Архива

Кои се импликациите за Европа? Европската економија, вклучително и македонската се нето-увознички на енергенси, што ги прави високо волатилни на ценовни шокови на енергенсите. Во услови кога сеуште ги апсорбира последиците од веќе ограничениот пристап на пазарите на енергенси заради наметнатите санкции и забрана за увоз на нафта и нафтени деривати од Руската Федерација, Европа во моментот е во релативно високо ризична позиција, особено индустриите на земјите-мотори на Европската Унија. Исто така значајна детерминанта за европската економија се и наметнатите високи царини од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп и нивната неизвесна иднина со оглед на фактот дека истите беа привремено укинати од страна на Врховниот суд.

Во таа смисла, американско-иранските тензии не претставуваат само уште едно жариште на конфликт на Блискиот Исток кое долгорочно ќе се провлекува. Овие тензии претставуваат почеток на поширока трансформација со глобални економско-политички последици. Имено, оваа ситуација е своевиден транзит од либералната кон геоекономија каде што енергенсите како клучен инпут, моќта на валутите и меѓународната трговска позиција претставуваат силно оружје за политички притисок и прокси за промена на економско-политичкото устројство на т.н. непослушни земји. Аналогно на ова, светот веќе е во процес на фрагментација и оттука се поставува прашањето со која брзина и под кои услови ќе бидат редефинирани светската економија и политика. Се’ поголемиот удел на Кина во светската економија и политика и отворената поддршка на Иран во услови на зајакнати воени тензии, цврстиот став на Руската Федерација во однос на конфликтот во Украина и трговскиот договор на Европската Унија со Индија кој веќе триумфално беше претставен пред населениот, укажуваат на тоа дека не се работи за само уште еден обичен економски гамбит на Блискиот Исток туку за нов, мултиполарен и економски повеќе балансиран меѓународен поредок.

Анализата е на асс. м-р Филип Тасковски, докторанд по Економски науки (завршна фаза) на Економски факултет при УГД и асистент на Факулетот за економија при Славјански универзитет