Премиерот објаснува зошто нема „договор“ со Груби: Се сеќавате на „Па-па Мицко“ и кога се креваа дронови над куќата на мојата сестра

-Кога доаѓа крајот, тие се обидуваат како мачка да рипнат во очи. Они заборавиле дека ние сме лавови и ваквите како нив, ќе одговараат, вели Мицкоски за дел од политичарите по приведувањето на екс-вицепремиерот

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Немам против да некој во својата потсвест ја обвини Владата дека има некаков договор со Артан Груби. Ајде да дојдеме до логиката. Во актуелната ситуација ги забораваме прокси-ботовите и актуелни функционери на сегашната опозиција кој велат дека власта се договорила со Артан Груби, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието за актуелната вест со екс-вицепремиерот.

Мицкоски вели дека како човек бил најнапаѓан од поранешниот функционер од ДУИ.

-Се сеќавате на оваа фамозна реплика во еуфорија и хистерија, позната како „па-па Мицко“. Се сеќавате кога на ден Прочка се креваа дронови над куќата на мојата сестра и тој имот се претстаавуваше како мој скриен имот. Се сеќавате колку пати во јавни изјави и настапи од страна на Груби и сите тие кои што во тоа време беа дел од таа Влада, ме напаѓаа со ниски страсти и клевети. До ден денес гледате како од страна на ДУИ од страна на нивни функционери кои сега не се во Собранието и главниот таргет сум јас, рече премиерот, додавајќи дека нема никаква логика околу „договор“ со Груби.

-Само едно можам да заклучам кај нив – Фројд работи кај нив и тоа што тие го мислат и правеле, мислат дека сите ние го правиме. Мислат дека ако тие фингирале процеси и рушеле влада на времето преку „Обоена револуција“, со лаги, конструкции, дека и ние сега така работиме. Не, многу едноставно. Бегалецот е обезбеден од органите на редот. Се понатаму е одлука на судската власт и нема поврзаност со Влада, додаде премиерот.

Претседателот на Владата смета дека сега има политичари кои сега „немирни се и тешко спијат“.

-Кога доаѓа крајот, тие се обидуваат како мачка да рипнат во очи. Они заборавиле дека ние сме лавови и ваквите како нив, ќе одговараат. Таа потсвест ќе продолжи да им прави немир во периодот кој што следи. Лицето е обезбедено и допрва почнува агонијата за поединци, кажа Мицкоски за приведувањето и куќниот притвор на Груби.