Кога жена на жена ќе и биде столб во политиката, наместо ѕид, тогаш ќе има и повеќе градоначалнички. Следниот чекор на мажите во политиката, мора да е похрабар, а тоа е 50-50 учество во Владата, тоа би бил потег кој иако е револуционерен, но е неопходен. Не смее да има оправдувања за ниеден политички субјект за малата застапеност на министерки, директорки, државни секретарки.. – вели во осмомартовско интервју за „Локално“, пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска
Според пописната статистика, половина од вкупното население во државата се жени, дали во општата генерлана политичко- економска слика, имаме пропорционална застапеност на жените на водечки позиции, во однос на нивното учевство во вкупниот број на население?
–Апсолутно ,не. И тоа е состојба која постои со децении, за жал. Многу кампањи, многу дебати, многу иницијативи, но сепак не е доволна застапеноста на жените во врвот, наспроти статистиката на бројот на население. Мотото за 2026 година за Меѓународниот ден на жената е „Give to gain“ – „Дајте за да добиете “. Јас би се надоврзала со моето омилено мото, зборовите на Ејн Ренд : „Прашањето не е кој ќе ни дозволи, туку кој ќе не сопре“. Рамноправноста е процес кој не смее да застане, барем не сė додека жените се помалку вреднувани за работните задачи, не додека имаат помала плата затоа што се жени, за на крајот да имаат и помали пензии, не додека се обесправени во политичкото делување. Секогаш подржувам и промовирам еднаквост, на секое поле, кога жените напредуваат ,сите ние се издигнуваме. Гласноста во минатиот век беше одлика на сите жени, нивното главно оружје, а во денешницата гласноста мора да биде наша најголема одбрана.
Жените во политиката – податоците покажуваат дека само 12,5% од сегашните “министри“ се министерки, или само 3 жени се дел од Владиниот кабинет. Дали и ова е уште еден податок кој ја потврдува диспропорцијата на учеството на жените на водечки функции?
-Неоспорен е фактот дека општеството е повеќе од спремно за поголем број жени на водечки позиции. Замислете од 1985 година, немало жена Претседател на Собранието. На таа позиција била само Ката Лахтова. Жени на високи позиции, значи поголема спремност, посветеност, дисциплина и исполнителност. Жените се поиницијативни и подготвени за предизвици, но сепак добиваат помала шанса. Следниот чекор на мажите во политиката, мора да е похрабар, а тоа е 50-50 учество во Владата, тоа би бил потег кој иако е револуционерен, но е неопходен. Не смее да има оправдувања за ниеден политички субјект за малата застапеност на министерки, директорки, државни секретарки и сл.
Малку поразлична е состојбата во парламентот каде застапеноста на жените е регулирана со квоти, со што е исполнет цензусот од над 30% застапеност.
-Да ,остварен е тој минимум, над 30% застапеност, но токму тој минимум е на некој начин “трикот” со кој се соочуваат жените на пратеничките листи. Задолжителноста со проценти не смее да е императив. Сѐ додека упорно се зборува за проценти нашата мисија не е завршена.Иако бројноста на пратеничките се зголемува од мандат во мандат, сепак во целиот тој процес може да се зајакнеме само со меѓусебна поддршка и вклученост на сите жени.Бидејќи квотите не препознаваат партија и етникум, а уште помалку пак модерните демократии се ослонуваат само на квоти. Драго ми е што сум член на СДСМ, кој е пионер во принципот на носител и коносител на претеничките листи ,со жена – маж и обратно. Борбата за права на жените е борба за правата на сите, борба која преку правичноста како средство, ќе не доведе до крајната цел – еднаквоста.Само со колективна акција ќе ги продолжиме промените, ќе ја градиме еднаквоста.
Од вкупно 80 општини во државата, плус Град Скопје, само четири добија градоначалничка . Во проценти тоа значи дека застапеноста на жените во локалната самоуправа е со 4,9%. Дали ова е поразителен податок за политиката ?
-Најпрвин треба храброст и поддршка од сопартијките, за жените да се кандидираат за градоначалнички. Мотивацијата мора да дојде од раководните структури во партијата, стимулот и поттикот мора да се гради постепено. Кога жена на жена ќе и биде столб во политиката,наместо ѕид, тогаш ќе има и повеќе градоначалнички.
Кои се причините за ваквите состојби – сеуште присутни стереотипи, отстуство на соодветен “женски“ кадар за позиции? Дали застапеноста на жените во креирање на општествено политичките контури го сведуваме само како прашање на “бројки“ ?
-Уште еден мој омилен цитат ,овој пат од Барак Обама – “Да им се даде моќ на жените не е само вистинска работа, туку е и паметна работа“.Отсуството на “женски” кадар за позиции оди заедно,рака под рака со говорот на омраза, стереотипите и дискриминацијата. Многумина велат, игнорирај, терај понатаму, но не е едноставно.Се додека околината гледа како жените во политиката се предмет на вакви ситуации, ќе се намалува и “женската” сила на одлучувачките позиции. Најстрашно , најтешко и безмилосно е што се уште дневните вести се преплавени со наслови за семејно насилство, фемицид, убиство .И тоа мора да е приоритет во колективната акција за подобро утре.
Македонија има законска регулатива за родова застапенсот. Се додека зборуваме за “квоти“ значи имаме проблем на оваа тема. Како да се променат и бројките за застапанеост?
– Се може лесно да се промени доколку се промени перцепцијата за жените во политиката и секако “миндсетот” за родовата застапеност. Законските решенија се производ на повеќе децениска борба. Светот е далеку од еднаков и праведен. За над стотици милиони жени и девојки во светот, во земјите каде што се војува, кои имаат право на глас, не гласале за војна. Промените мора да почнат од нас самите.Со леснотија ова го зборуваме, но мора многу труд, трпение, меѓусебно разбирање и пред сѐ искрен пристап ослободен од политичка, етничка и верска боја. Единствената боја е заедничката поддршка.
Д.А.