Иран гори – нов бран напади насочени кон енергетските ресурси во земјата. Израел удира по нафтените депоа како дел од следната фаза од војната. Вашингтон испраќа и трет носач на авиони во регионот како дел од стратегијата за преземање на контролата врз нафтените резерви на Иран. САД и Израел се обидуваат да ја распаднат Исламската република реплицирајќи сценарио слично на Венецуела, но проблемот е што не го разбираат контекстот на Иран.
Во истовреме Кувајт, Дубаи, Бахреин и Саудиска Арабија пријавуваат ирански напади. Има и жртва и повредени откако фрагменти од ракети и дронови се урнале врз цивилни објекти. Техеран соопшти дека „непријателот“ погрешно го протолкувал извинувањето на Иран до соседите и вети борба со сета моќ. Нагласија дека секоја точка што е потекло на агресија против Иран е легитимна цел.
Во истовреме, Американската амбасада во Осло е погодена од експлозија пред влезот во објектот. Норвешката полиција засега нема информации што точно се случило и кој би можел да биде вмешан во нападот. Ова е втор удар на европско тло откако ирански дрон ја нападна британската база на Кипар. Во обид да се заштити островот, Италија ја испрати својата фрегата. Истото го стори и Велика Британија.
Се поставува дилема дали ситуацијата претставува опасност и за регионот на Западен Балкан, особено Македонија? Колку сме блиску, а колку далеку од наша инволвираност во ваков еден конфликт? Според Дарко Тодоровски, воен аналитичар и докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација, Македонија и Западниот Балкан се далеку од театарот на воените дејства на Блискиот Исток. Според него, иако мал дел од Балканот теоретски се наоѓа во радиусот на максималниот дострел на иранските балистички ракети од среден дострел како „Ghadr“, „Sejjil“, „Khorramshar“, на Балканот не се наоѓаат клучните воени американски воени бази и логистички рути кои се користат во нападите против Иран.

Дарко Тодоровски/Фото: Фејсбук
-Единствено американската поморска база Суда Беј на Крит, каде што некои американски воени бродови ги пополнуваат своите арсенали. Грција е единствена држава на Балканот која има некакво искуство за борба против ракети и дронови камикази. Грција во 2021 година распореди систем за ракетна одбрана MIM-104 Patriot во Саудиска Арабија, познат како „Hellenic Force Saudi Arabia“ (ELDYSA), за заштита на критичната саудиска енергетска инфраструктура. Но прашање е дали тие реално учествувале во одбивање на ракетни напади и напади со дронови камикази од страна на Хутите, или се работи само за размена на искуства, анализира Тодоровски во разговор за „Локално“.
Тој потсетува дека грчкиот министер за одбрана, Никос Дендиас, деновиве изјави дека Грција ќе ја заштити Бугарија од закани со балистички ракети поради ескалацијата на Блискиот Исток. Исто така треба да се има во предвид дека САД го користеа аеродромот во Софија како транзитен центар за своите авиони летачки танкери пред нападот на Иран.
Тодоровски не верува дека можеме да очекуваме ирански напади и на земји кои немаат американски бази на своите територии. Според него, и покрај тоа што во Иран е нарушена командната структура и хиерархија како резултат на нападите и убиствата на голем број генерали и офицери, и тоа што е активна стратегијата за „мозаична одбрана“ каде што секоја ракетна и друга единица само на лице место решава како да дејствува или дејствува по однапред утврден план, без чекање наредби од Техеран и од штабовите, главни цели на иранските одговори покрај Израел се нападите врз американските воени објекти на Блискиот Исток, пред се во Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, ОАЕ, нафтената и гасната инфраструктура на овие држави, и блокирањето на Ормутскиот теснец. Соговорникот исто така се надоврза на пораката на претседателот на Иран, Пезешкијан кој изјави дека Иран нема да напаѓа држави чија што територија не се користи за напади против самата држава.
Со оглед дека моментално Тодоровски живее и работи е во Русија, го прашавме какво е таму размислувањето во јавноста за овие судири и дали можеби можеме да очекуваме индиректно вмешување на Москва во конфликтот? Според аналитичарот, нападот на САД и Израел против Иран во Москва беше очекуван.
-Официјална Москва ги осуди американско-израелските напади врз Иран. Руското Министерство за надворешни работи ја осуди агресијата на САД и Израел врз Иран, барајќи политичко и дипломатско решавање на конфликтот. Акциите на САД и Израел го ставаат регионот на работ на хуманитарна, економска, па дури и радиолошка катастрофа, нагласи министерството. Песков изјави дека Путин вложува максимални напори за смирување на тензиите на Блискиот Исток. Треба да се има во вид дека Русија има одлични дипломатски односи и со Иран и со Израел. Кремљ е постојано на линија со Иран и со Заливските монархии, но и со Израел. Од друга страна, „The Washington Post“, повикувајќи се на американски претставници, објавува дека Русија му обезбедува на Иран податоци за локациите на американските воени бродови, авиони и радарски системи во регионот. Но не беа презентирани никакви конкретни докази за тоа. Стабилноста на јужните граници и на Кавказот за Русија е стратешки е важно. Ни Русија, ни НР Кина, ни Турција и Пакистан нема да дозволат распад на Иран, бидејќи тоа ќе го повлече целиот регион во долготраен хаос, заклучува Тодоровски.

Фото: Printscreen/Youtube/White House
По одбивањето на Техеран за безусловно предавање, Вашингтон најави продолжена интензивна офанзива до целосен воен пораз на Иран, додека Израел продолжува со уништување на проиранските групи во Либан. Ветија дека новоизбраниот наследник на ајатолахот Хамнеи ќе биде нивната следна цел.
-Можеби нема ни да има кој да признае пораз бидејќи знаете нивното раководство веќе го имаме елиминирано многупати. Значи, или ќе се предадат, или нема да остане никој да каже се предаваме, во воена смисла ќе бидат целосно онеспособени, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Велика Британија, пак, размислува за распоредување носач на авиони, додека растат тензиите меѓу Вашингтон и Лондон. По последните обвинувања на Трамп кон премиерот Стармер дека се обидува да се приклучи во војни „откако САД веќе победиле“, британската министерка Купер одговори дека Лондон нема да ја препушта својата надворешна политика на други.
САД и Израел го нападнаа Иран пред девет дена, во сабота, на 28 февруари.
Н.П.