Филипче: Мицкоски лаже – никогаш не сум зборувал за „мигрантски кампови“

„Како сакате нарекувајте ги, „мигранти за пари“, „економски работници“ не е важна терминологијата, важно доаѓаат“, тврди лидерот на СДСМ

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: СДСМ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче синоќа сподели дека никогаш не зборувал за „мигрантски кампови“ во земјава. Со тоа, како што вели, ги демантира вчерашните пораки на премиерот Христијан Мицкоски.

„Еве уште еден доказ за манипулациите на Христијан Мицкоски. За „мигрантски кампови“ никогаш не сум зборувал – тоа е уште една лага. Говориме за „економски работници“. Како сакате нарекувајте ги, „мигранти за пари“, „економски работници“ не е важна терминологијата, важно доаѓаат. Затоа Владата на Мицкоски го смени Законот за странци, со што ги олесни условите за доаѓање, престој и работа, а донесе и одлука да ги отвори вратите за нови 10.000 странски работници само во 2026 година“, стои во објавата на лидерот на СДСМ.

Мицкоски вчера рече дека во изминатиот период земјава била изложена на опозициска кампања дека се договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство, која вчера била демантирана од британската дипломатија. Со ова, потенцира, паѓа целата конструкција што опозициската СДСМ и Филипче со месеци се обидувале да ја наметнат во јавноста и оти водат манипулативна политика. Ова, нагласува, тој, е еден длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување на Венко Филипче.

-Во изминатите месеци јавноста во Македонија беше изложена на една упорна и агресивна кампања дека државата наводно тајно договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство. Се ширеше теза дека зад стратешкото партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство постои наводен „таен договор“. Упорно и без трошка совест се создаваше впечаток дека Владата нешто крие од граѓаните. Се ширеше страв дека Македонија ќе станела камп за мигранти. Оваа теза се повторуваше од ден на ден. Се повторуваше на прес-конференции. Се повторуваше во изјави. Се повторуваше како да е факт. Друти и најавуваа протести. Вчера добивме јасен и недвосмислен одговор. Од британската дипломатија. Британскиот амбасадор Метју Лосон јавно и недвосмислено кажа: таков договор не постои и никогаш не постоел. Нема договор. Нема преговори. Нема центри за мигранти. Фактите се јасн, рече Мицкоски на вчерашната прес-конференција.

И покрај ваквите тврдења на премиерот, СДСМ продолжи со низата соопштенија во кои изразува уверување дека тактиката „мигранти за пари“ се реализира преку „економски работници“.

-Дали е случајно што Владата на Мицкоски донесе одлука за нови 10.000 странски работници само во 2026 година, со што ги отвори вратите за така наречените „економски работници“. Многу е случајно тоа што власта го смени и Законот за странци, со кој ги олесни условите за доаѓање, престој и работа на „економски работници“ во Македонија, ги скрати процедурите, ги продолжи времетраењето на дозволите, велат од опозицијата.

Едноставно не е вистина. Вака британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, демантираше дека постои договор меѓу Македонија и Велика Британија за примање мигранти во замена за пари. Тој во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ 24 рече дека идејата британската влада да направи нешто што на македонската влада не би ѝ одговарало е апсолутна невистина и неколкупати потенцира оти таков договор не постои.

-Идејата дека ова некако прераснало во договор за мигранти во замена за пари, можам да ви кажам вам и на вашите граѓани дека едноставно не е вистина. Компонентите од стратешкото партнерство се целосно одвоени. И двете земји сме суверени влади кои склучуваат договори за секоја од компонентите и идејата дека британската влада би направила нешто што на вашата влада не би ѝ одговарало е апсолутно невистина и не постои договор, ниту, пак, некогаш постоел за мигранти во замена за пари, рече, меѓу другото, Лосон.