Ковачев повторно обвинува: Македонската полиција и АНБ ги заплашуваат граѓаните кои се декларираат како Бугари

„Македонските власти да ги исполнат обврските од Преговарачката рамка и да ги истражат сите случаи на насилство, притисок и дискриминација врз граѓаните кои отворено го декларираат својот бугарски идентитет“, рекол европратеникот при обраќање од Европскиот парламент

од Nikola Popovski
89 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Андреј Ковачев

Четири бугарски европратеници ги изразиле своите ставови во дебатата за извештајот за стратегијата за проширување на ЕУ за време на вчерашната пленарна седница. Во извештајот се предлага одлуките на Советот за отворање и затворање на поединечните фази на преговори и поглавја да се донесуваат со квалификувано мнозинство, наместо едногласно, и конечните одлуки за пристапување на нови земји-членки да продолжат да се носат едногласно. Извештајот бил усвоен од Комитетот за надворешни работи во јануари 2026 година и нагласува дека проширувањето на ЕУ е стратешки одговор на променливата геополитичка реалност и витална инвестиција во безбедноста и стабилноста на ЕУ.

Еден од најголемите критичари на Македонија и државните политики, Андреј Ковачев, во име на групата на ЕНП, истакнал дека проширувањето не е само една од европските политики, туку и долгорочна инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на целата Европска Унија, особено во сегашниот геополитички контекст.

-Тоа е жив доказ дека европскиот модел продолжува да биде привлечен и има силен трансформативен потенцијал за општествата што го избираат патот на демократијата, владеењето на правото и споделените европски вредности, рекол Ковачев, пренесува „БТА“.

Тој ги повикал македонските власти „да го стигнат темпото, да ги исполнат обврските од Преговарачката рамка и да ги истражат сите случаи на насилство, притисок и дискриминација врз граѓаните кои отворено го декларираат својот бугарски идентитет“. Ковачев истакнал дека ваквите случаи стануваат сè почести и потсетил на случајот од последните денови поврзан со исцртаните пораки на објектот на сега веќе згаснатиот бугарски културен клуб во Битолa – „Ванчо Михајлов“. Ковачев повикал ваквите случаи да бидат брзо, објективно и транспарентно истражени, а сторителите да бидат изведени пред органите на прогонот.

„Проширувањето е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на ЕУ и се заснова на почитување на демократијата, владеењето на правото и заштитата од дискриминација.

За жал, спротивното е она што го прават властите во Македонија. Обвинителството, полицијата, контраразузнавањето (АНБ) спроведуваат редовни операции за заплашување на граѓаните кои си дозволуваат отворено да се декларираат како Бугари“, стои во јавната објава на Ковачев на социјалните мрежи.

Во моментов, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија, Турција и Украина имаат статус на земји-кандидатки, а Косово на потенцијален кандидат.

Стратегијата ќе се гласа за време на пленарната седница закажана на 11 март 2026 година.