Синдикатот на културата со кривична против Љутков: „Кога функцијата ќе удри во глава, тогаш законот мора да приземји“

„Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба за работнички права, денес е симбол на нивното кршење“, велат од СКРМ

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук

Претставниците на Синдикатот на културата, на денешната прес-конференција пред зградата на Основното јавно обвинителство, порачаа дека поднеле кривична пријава против министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, за “злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик и „Повреда на правата од работен однос“ по член 166 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

„Секако оваа кривична пријава ја поднесуваме со жалење, не затоа што се сомневаме во нејзината оправданост, туку затоа што станува збор за човек кој до неодамна беше и еден од нас – колега, член на Синдикатот и соучесник во борбата за правата на културните работници. Денес, од позиција на министер, за жал, стои на спротивната страна од таа борба.

Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба за работнички права, денес е симбол на нивното кршење. Министертот Љутков направи нешто што во правна држава не смее да се направи, со насоки пратени по меил и упатство што сам го изготви и сам го потпиша, се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори. Упатство или меил не е закон и министер не е над закон“, велат синдикалците.

Тие потсетуваат дека веќе има повеќе од 800 тужби од вработените во културата против институциите и државата – нешто што никогаш немаше да се случи доколку законите се почитуваа.

„Сведоци сме на над 50 судски пресуди… од кои 8 се правосилни. Да, вработените во културата имаат 8 Правосилни судски Пресуди кои мора да се почитуваат и спроведуваат. И покрај тоа… министерот останува глув. Глув за законите. Глув за правдата. Глув за културните работници. А кога министерот не ги почитува законите, и се става над нив единственото место каде што може да се бара правдата е обвинителството, кое треба да го потсети дека никој не е над законите.

По изјавата на министерот Љутков од собраниската говорница, во која се обидуваше да ја релативизира пресудата што Апелациониот суд Битола ја поништи, денес фактите повторно го демантираат. Основниот суд Битола повторно ја потврди првостепената пресуда, со што правдата уште еднаш излезе на виделина.

Останува да видиме дали апелациониот судија – во јавноста веќе познат како „Дали е наш?– Да, наш е“, повторно ќе се обиде да ја поништи и оваа пресуда, повикувајќи се на наводен недостаток од економско вештачење за статусно тужбено барање. Воедно, јавноста очекува и одговор, дали Судскиот совет конечно ќе постапи по претставката што Синдикатот на културата на РМ ја поднесе против истиот овој апелационен судија“, посочуваат членовите на Синдикатот на културата.

Оттаму додаваат се дека ова можеше да се избегне, набројувајќи повеќе причини:

„Требаше само да се почитуваат законите и колективните договори. Требаше само да се почитуваат судските пресуди. Требаше само да се слушнат луѓето со кои до вчера работевте. Требаше само да се сетите дека утре повторно ќе седите со нас … а не над нас. Требаше само малку помалку суета и малку помалку самоувереност во сопствената безгрешност. Ништо повеќе. Но кога функцијата ќе удри во глава, тогаш законот мора да приземји. Мора да потсети дека никој не е над него. Инаку, за што ни се законите? Затоа сме денес овде. Не затоа што гориме од желба да поднесуваме кривични пријави“, стои во апелот на СКРМ.