Жерновски: ЕУ ја предупредува Македонија за влијанијата на Русија, Кина и СНС на Вучиќ

„Зошто Македонија да биде црната точка во Европската унија? Ни кажуваат прикаски дека проширувањето е мртов процес. Меѓутоа гледаме дека Албанија напредува, Црна Гора напредува, а ние останавме заковани на дното“, вели членот на ИО на СДСМ

од Nikola Popovski
46 прегледи Фото: СДСМ

„Мора да бидете отпорни на токсично влијание од Русија и другите и нема да дозволиме тројански коњи во Европската унија. Тоа е она што го порача Марта Кос, еврокомесар за проширување на земјите кандидати за членство во Европската унија. Граѓаните мора да знаат дека оваа порака се однесува на нашата земја, за жал. Токсично е влијанието од Русија, токсично е влијанието од Кина, токсично е влијанието од СНС на Вучиќ“, изјави денеска на прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски. Тој притоа потсети на извештајот на известувачот за нашата земја во Европскиот парламент, Томас Вајц.

„Нема напредок во владеењето на правото, во правосудните реформи, во борбата против корупцијата, тоа го пишува во извештајот. Нема напредок, се разбира, ниту во состојбата со медиумите. Македонија има блокиран пат кон Европската унија, и владата тоа намерно го прави. Пораките се многу јасни, но нашата влада повторно измислува непријатели, особено во нашето соседство, само за да го блокира нашиот пат кон Брисел. Не сакаат и никогаш нема да сакаат да влеземе во Европската унија.

Меѓутоа, нашата борба продолжува докрај и ќе трае сè додека не ја вратиме Македонија на победничките патеки“, порача Жерновски.

Партискиот член обвинува дека „отпадници од ЗНАМ прават проруски партии, вториот човек на владата се гледа со Ноќните волци блиски до Путин, и сето тоа сега веќе се препознава од извештајот и во изјавите на еврокомесарот за проширување“.

„Зошто Македонија да биде црната точка во Европската унија? Ни кажуваат прикаски дека проширувањето е мртов процес. Меѓутоа гледаме дека Албанија напредува, Црна Гора напредува, а ние останавме заковани на дното. Ова е вистинскиот момент кога треба да одиме напред и да го искористиме расположението во Европската унија за проширување.

Меѓутоа, владата тоа не сака да го направи. Да потсетиме на последната анкета: дури 70% од граѓаните на Македонија сакаат да ја видат нашата земја во Европската унија. На граѓаните им е јасно што прави Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, додека бараат да се внесат Бугарите како малцинство во нашиот Устав.

Со тоа еднаш засекогаш да ја расчистиме тезата за „еден народ во две држави“, Тие кажуваат дека сега со овој процес, цитирам, ќе бидат доведени под знак на прашање македонскиот идентитет и јазик .итн. што не е точно. Ниту тоа е тема, а ние башка го обезбедивме нашиот идентитет“, посочи, меѓу другото, Жерновски.