Миноски: Долгорочно да се заштити животниот стандард, а не со ад-хок интервенции кога кризата веќе ќе биде почувствувана од граѓаните

Во минатото владите интервенираа откако ценовниот шок веќе се префрли врз граѓаните - дали сега ќе видиме ист случај?

од Nikola Popovski
30 прегледи Кирил Миноски-Фото: Министерство за финансии

Растот на цената на нафтата поради кризата на Блискиот Исток ги активираше инспекторите. Пазарна веќе е на терен – се контролираат маркетите, дистрибутерите, увозниците и производителите на храна. Под лупа е секое поскапување, но се проверува и дали некој ја злоупотребува ситуацијата за екстра профит. Таму каде законот не се почитува, ќе следуваат казни – барем така најавуваат надлежните.

Последните податоци покажуваат дека инфлацијата минатиот месец изнесувала 2.9 насто. Најмногу поскапеле земјоделските производи за 3,4 проценти. Кога горивата поскапуваат, по правило поскапува сè друго. Инспекторите вршат проверки, но вистинскиот тест се рафтовите во маркетите. Таму најбрзо се гледа дали кризата е реална или се користи како причина за нов бран поскапувања.

Со оглед дека во минатото гледавме како дел од големите ланци картелски се здружуваа за поголеми цени на производите, се поставува дилема дали и сега ќе ја искористат новонастанатата состојба за поскапување? Поранешниот министер за финансии и познавач на состојбите, Кирил Миноски смета дека со самиот факт што 40% од вкупното производство на нафта и нафтени деривати е со потекло од Блискиот Исток, воените кризи во овој регион секогаш имаат потенцијал да создадат притисок на пазарите и да влијаат на цените на енергенсите и транспортните трошоци. Според него, во такви ситуации секогаш постои ризик дел од трговците ќе се обидат превентивно да ги зголемат цените, дури и пред да се зголемат нивните реални трошоци.

Фото: Фејсбук

-Имајќи во предвид дека најголемиот дел од производите во маркетите се набавуваат согласно претходно потпишани договори, како и дека секој трговец има залихи на производи коишто се набавени претходно по пониски цени, непосредниот ценовен притисок не секогаш е оправдан. Токму затоа клучна е улогата на институциите, пред се на Пазарната инспекција и Комисијата за заштита на конкуренцијата, за да се спречат шпекулативни покачувања на цените, вели Миноски во разговор за „Локално“.

Запрашан дали покачувањето на цените во маркетите е во иста линија со цената на горивата и дали кога ќе поевтинат горивата, ќе паднат и цените на производите, соговорникот објаснува дека во теорија, цените на горивата влијаат врз цените на производите преку транспортните и логистичките трошоци. Но, во пракса често гледаме асиметрична реакција на пазарот.

-Кога цената на горивата расте, цените на производите релативно брзо се зголемуваат. Но кога горивата поевтинуваат, намалувањето на цените на производите е многу побавно или воопшто не се случува во истиот обем. Тоа укажува дека освен енергетските трошоци, на цените влијаат и други фактори, како што се пазарната концентрација, трговските маржи и степенот на конкуренција во малопродажниот сектор, истакнува Миноски.

Околу односот на Владата и дали доволно се штити стандардот на граѓаните во вакви ситуации, екс-министерот потсетува дека неодамна директорката на ММФ изјави дека доколку цената на нафтата се зголеми за 10% и тоа трае повеќето од годината дена, тоа ќе доведе до зголемување на глобалната инфлација за 0,4% и пад на глобалниот економски раст за 0,1–0,2%.

-Во минатото често пати кај нас владите интервенираа на пазарот најчесто на реактивен начин, откако ценовниот шок веќе се префрлил врз граѓаните. Затоа во овој случај и во иднина неопходен е системски пристап кој подразбира постојан мониторинг на цените и маржите, брза и навремена реакција на институциите , зајакнување на конкуренцијата на пазарот и зголемена транспарентност во формирањето на цените. Само со таков пристап може долгорочно да се заштити животниот стандард на граѓаните, а не со ад-хок интервенции кога кризата веќе ќе биде почувствувана од страна граѓаните, појаснува Миноски.

Премиерот Христијан Мицкоски на средба со претставници на големите маркети во Владата-Фото: Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски вчера соопшти дека со газдите на големите маркети заеднички заклучиле дека треба да има фер цени на производите и дека не треба да има ново зголемување. Во објавата на Фејсбук, по состанокот, премиерот наведува дека состојбата активно се следи и оти нема се дозволи отстапувања и профитерство. „Државата нема да интервенира во пазарот без причина. Но, државата нема ни да стои на страна ако се создава реален притисок врз граѓаните без објективна основа. Со претставниците на маркетите заеднички заклучивме дека треба да има фер цени на производите и дека не треба да има ново зголемување. Продолжуваме да ја следиме состојбата и да интервенираме доколку има потреба за тоа. Најважен е интересот на граѓаните“, истакна Мицкоски.

Искуството од минатата година покажува дека државата не мора да се потпира само на апели. Владата веќе донесувала одлуки за ограничување на бруто профитните маржи на 102 групи основни прехранбени производи и за утврдување највисоки цени за осум групи производи, мерки што влегоа во сила во февруари 2025 година.

Кризата на Блискиот Исток предизвика драстичен скок на цената на нафтата на светските берзи. Достигна 118 долари за барел, највисоко ниво во последните четири години. Експертите предупредуваат дека може да надмине и 150 долари доколку не престане ескалацијата на Блискиот Исток.

Кризата следува по американско-израелските напади врз Иран и затворањето на Ормутскиот теснец од властите во Техеран, низ кој поминуваат околу 20 насто од светските пратки на нафта и гас. Многу земји во регионот или го намалуваат производството или целосно ја прекинуваат работата на нафтените полиња. По ирански напад врз рафинерија, Бахреин ги прекина испораките на нафта.

Н.П.