Синдикатот на културата (СКРМ) обвинува за предвремено разрешување на директорот на Националната установа „Гостиварски театар“, Сулејман Рушити. Од Синдикатот прашуваат дали станува збор за реваншизам од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Во Решението што го објави СКРМ стои дека Рушити е избран на 16 декември 2022, а се разрешува од директорката позиција пред истек на мандатот.
„Правосилните судски пресуди мора да се почитуваат. Платите на вработените во Театар Гостивар мора да бидат исплатувани согласно судската одлука без разлика дали тоа му се допаѓа на министерот или не. Министерот претходно разрешуваше Управни одбори, кога носеа Одлуки спротивни на неговите желби, за потоа новите членови на Управните одбори донесат одлуки по негова желба.
Сега еве почна да разрешува и директори, небаре тие се виновни што судот донел правосилна пресуда и размислуваат малку поинаку од него.
Кога ја имаш власта се можеш да направиш, но едно нешто не можеш , а тоа е да ја сокриеш вистината“, порачаа од СКРМ, додавајќи дека вистината, како што велеше еден поранешен премиер, е како шило, колку и да се обидувате да ја притиснете, на крајот секогаш излегува на виделина.
Пред два дена беше поднесена кривична пријава до министерот за култура за злоупотреба на сопствената положба и овластување и повреда на права од работен однос. Претставници на Синдикатот за култура велат дека ја поднесуваат со жалење, бидејќи до неодамна бил еден од нив – колега и член на синдикатот, кој заедно со нив се борел за правата на културните работници.
Тврдењата за злоупотреба на службената положба се неосновани и неточни – министерот Љутков ја нарече срамна прес-конференцијата, вели синдикатот бара незаконска пресметка на платите. Во државава во сила е општиот колективен договор за јавен сектор, заради усогласување според него бил понуден анекс што синдикатот го одбил. Љутков вели, моја обврска е да обезбедам систем каде правилата важат подеднакво за сите, без привилегии и без исклучоци.
-Одржавме два состаноци вели Љутков, но не најдовме заедничко решение, бидејќи тие доаѓаат кај мене со ултиматум вели. Додаде дека ако претходниот министер потпаднал под такво влијание и донел погрешно решение, тој нема да го стори тоа и ќе оди до крај во ова.