Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска во Скопје ќе одржи голем работнички протест со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Протестот, според најавата од ССМ, ќе започне во 12:05 часот пред Работничкиот дом.
„Предвидено е запирање пред Собранието на Република Македонија, пред Стопанската комора и пред Владата на Македонија каде ССМ и работниците ќе ги испратат главните пораки на најголемите виновници кои низ годините предизвикаа нашите работници веќе подолг временски период да не живеат, туку само да се обидуваат да преживеат како знаат и умеат, бидејќи нивните платите не ги следат реалните трошоци на животот.
И покрај сите аргументи за зголемување на платите кои ССМ ги истакна на Собранието, Владата и Работодавачите, истите наместо барање на вистински решенија кои би означувале исполнување на очекувањата на работниците за зголемување на минималната плата и на сите останати плати онака како што побара од нив и Сојузот на Синдикатите на Македонија одлучија да молчат и да ги игнорираат барањата на работниците, предизвикувајќи уште поголем револт кој ќе биде покажан за време на работничкиот протест, затоа што е јасно дека повеќе нема страв и дека кога Владата и газдите не слушаат, тогаш работниците и синдикатите ќе зборуваат на улица“, стои во најавата за протестот.