Гаши за Костадиновски: Да сме внимателни во давање изјави кога се работи за меѓуетничките односи

„Секој да се грижи за својата институција. Нормално е и треба да се грижиме и за другите. Можеме да дадеме критики едно на други, демократско општество сме“, вели собранискиот спикер

од Nikola Popovski
58 прегледи Фото: Фејсбук

Претседателот на Собранието Африм Гаши, одговарајќи на прашање за изјавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, нагласи дека секој носител на функција треба да биде внимателен во давањето изјави.

-Како политичар и како раководител на една битна институцијата како што е Собранието, никогаш не влегувам и се обидувам да не влегувам во конфликт со никоја институција, ниту со политичар, ниту носител на јавна функција. Секогаш сум повикувал на внимателност во давање изјави особено кога се работи за меѓуетнички односи. Сите треба да бидеме внимателни, затоа што тие се фрагилни и се столб на стабилноста на оваа држава – рече тој.

Во врска со изјавата на Костадиновски во која вели дека „Собранието е уставно недисциплиниран орган и затоа Уставниот суд повеќе нема да толерира непочитување на неговите одлуки“, Гаши потенцира дека законодавниот дом ја извршува функцијата по Устав, закон и Деловник.

-Секоја институција, особено едно од најбитните Уставниот суд и Собранието, за кои Уставот има одредено јасни компетенции и ингеренции треба да ја врши својата функцијата врз основа на Уставот и законите. И ние се обидуваме таа функција да ја извршуваме по Устав, закон и Деловник. Исто така и на него и на сите носители на јавни функции им го препорачувам истото. Секој да се грижи за својата институција. Нормално е и треба да се грижиме и за другите. Можеме да дадеме критики едно на други, демократско општество сме, рече тој.

Претседателот на Уставниот суд, во поткастот „Каде се парите?“ го критикуваше Собранието кога станува збор за одлуките на Уставниот суд. Тој укажа дека Судот повеќепати носел таканаречени интерпретативни одлуки, со кои му дава рок на законодавецот да го усогласи законот со Уставот. Според Костадиновски, Собранието често не постапувало по тие одлуки и роковите истекувале без промени во законите. За Кривичниот законик, претседателот на Уставниот суд вели дека Собранието имало дури десет месеци да реагира.

Уставен ги отфрли трите иницијативи кои се однесуваа на дилемите дали пораките за сторен прекршок треба да пристигнуваат и на албански јазик, дали е селективна примената на системот само во Скопје, Тетово и Куманово, дали граѓаните мора да поседуваат мобилен телефон и колку се заштитени нивните лични податоци. Според претседателот Костадиновски системот е проектиран да препознае возило, а не јазик. Ако Македонија е рекордер по сообраќајни несреќи, тогаш возилата стануваат оружје, а оние кои сакаат да возат ќе треба да поседуваат мобилен, во спротивно можат да одат и со коњ, посочи Костадинвски