Беџети се пожали дека добивал СМС-пораки од Собранието само на македонски јазик

„СМС пораките на Гаши само на македонски јазик не се „техничка грешка“. Тие се политички сигнал дека албанскиот јазик се третира како неофицијален“, порачува пратеникот од ДУИ

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук

Пратеникот од коалицијата Европски фронт, Блерим Беџети реагираше во врска со соопштението што го добил вчера од Собранието, при што забележува дека СМС-пораките испратени од Собранието се само на македонски јазик. Во врска со оваа ситуација, како што вели, во која не се имплементира албанскиот јазик, пратеникот Беџети додава дека истиот стандард на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски го спроведува и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Беџети во својата јавна објава потенцира: „СМС пораките на Африм Гаши само на македонски јазик не се „техничка грешка“. Тие се политички сигнал: дека албанскиот јазик се третира, не како второкласен јазик, туку како неофицијален јазик, дури ни како „преведен јазик“.

„Кога претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија ја релативизира употребата на албанскиот јазик и го исклучува дури и од основните комуникации, како што се СМС пораките за сообраќајни казни, додека веднаш потоа истиот стандард го спроведува претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, во исто време еден од лидерите на ВЛЕН, тогаш ова веќе не е случајност.

Тоа е координација. Тоа е политичка линија. Тоа е намерно исклучување.

Ова е алармантно. Ова веќе не е политичка дебата. Тоа е прашање на достоинство и уставен поредок.

Албанскиот јазик не е декор. Тоа е црвена линија!

Ако денес го нема во официјалните СМС-пораки на пратениците, утре нема да го има во процесот на донесување одлуки. Задутре, дури ни во институциите. А кога јазикот ќе се отстрани од државата, се отстранува и еднаквоста. Ова не само што е неприфатливо. Опасно е. И не треба да помине во тишина“, стои во објавата на пратеникот од ДУИ.