По вчерашната изјава на пратеникот од редовите на Движењето ЗНАМ, Миле Цеков дека лично не гледа проблем да гласа за уставните измени и спроведување на Бугарите во Уставот во моментов, од неговата партија велат дека тоа е личен став на партијата. Од ЗНАМ се децидни во својата политика и претходно искажаниот предлог за уставни измени, но само за одложено дејство со примена после прием на Македонија во ЕУ…
-Миле Цеков си е пратеник во рамките на пратеничката група на ЗНАМ, избран во Изборната единица 4. За минималната плата, имаше издвоено мислење и тоа е негов личен став, не е став на партијата. Партијата си има конзистетна политика и ставовите ги искажува претседателот на партијата или преку официјалните преставници на ЗНАМ како портпарол итн, вели портпаролот на Движењето ЗНАМ, Никола Мемов во изјава за „Локално“.
Соговорникот е дециден ЗНАМ си има демократски капацитет за да дозволи секој функционер од партијата понекогаш да има издвоено мислење.
-Овие ставови се лични на пратеникот, а ЗНАМ си ја држи својата конзистентна политика по однос на минималната плата, евроинтеграциите, предлогот за уставните измени за одложено дејство со примена после прием на Македонија во ЕУ…, додава Мемов околу ставовите на владејачката партија.
Според Мемов, она што е политика и став на ЗНАМ е дека ние, како што вели, не сме како другите да ги исклучуваме членовите туку ние сме политичка партија со демократски капацитет со кој што го шири своето семејство.
-Не сме за да ги исклучуваме туку примаме нови членови. Ставот на ЗНАМ е тој и така ќе продолжи да дејствува. Демократскиот капацитет на ЗНАМ и Владата е широк за да ги прими личните ставови и размислувања на секој пратеник поединечно, потенцира портпаролот на ЗНАМ.

Миле Цеков/Фото: Фејсбук
Цеков вчера во телевизиско гостување рече дека нема ништо против внесување на бугарската заедница во Уставот.
-Лично мојот став по тоа прашање е дека немам ништо приотив нашите соседи. Сите заедници треба да се внесат во Уставот. Немам ништо против и да гласам за уставните промени. Јас лично немам ништо против тоа бугарскиот етникум да се внесе во Уставот – ние не губиме ништо од тоа. Исто така имам забелешки кон одредена реторика и наратив кон нашите соседи, сметам дека тоа е погрешен пристап. Треба да се пристапи кон дијалог и разговор, затоа што тие ни се први соседи и први соработници, кажа пратеникот во емисијата „Студио 10“.
Пратеникот сепак смета дека мора да имаме јасен став дали понатаму ќе бидеме заглавени во процесот.
-Во оваа недефинирана состојба во која се наоѓаме, треба да постапиме попрагматично и да ги донесеме уставните измени. Отпосле доколку постојат реални пречки по однос на идентитетски или било какви други прашања, согласно Уставот имаме 81 пратеник и можеме да ги стопираме. Немаме друга алтернатива? Се прашувам која ни е? За да има промена, преговарачката рамка треба да ја согласат сите 27 земји членки. Дали ќе се согласат? Не знам, бидејќи нашите партнери ветуваат дека ќе има промена на Преговарачката рамка, но не знам дали тоа е изводливо. Тука се поставува прашањето што правиме понатаму, затоа што и младите се прашуваат: до кога ќе бидеме во ваква состојба?, додаде меѓу другото, Цеков.
Исто така, пратеникот од ЗНАМ на вчерашната седница на Комисијата за финансирање и буџет го поддржа предлог-законот за зголемување на минималната плата, иако сите други пратеници од владејачкото мнозинство гласаа против предлогот, поднесен од опозицијата. Цеков одлуката ја објасни како израз на лична доследност и исполнување на ветувањата што неговата партија ги даваше во кампањата во 2024 година. Цеков оцени дека минималната плата треба да се зголеми и надвор од постојното законско решение, нагласувајќи дека Македонија има пониска минимална плата од повеќе земји во регионот. Според него, не е логично земјата да остане симбол на евтина работна сила, ако веќе се говори за економски раст и подобри макроекономски показатели. Во неговата логика, ако државата се пофали со раст на БДП, тогаш тој раст мора да се почувствува и во џебот на оние што живеат од најниските плати.
„ЗНАМ немаат проблем да ги внесат Бугарите во Уставот, но нема да прифатат уставни измени доколку не се направи јасна дистинкција на македонскиот јазик и тоа да биде потврдено во европска институција“. Ова лани го кажа лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски по завршувањето на вториот Конгрес на партијата. Тој нагласи дека билатералниот проблем со соседна Бугарија најдобро би се решил на релација Скопје – Софија, но дека таа шанса била испуштена со прифаќање на Францускиот предлог.
За ЗНАМ, како што посочи тогаш партискиот лидер, е неприфатливо дека имаме заедничка историја и дека говориме дијалект на бугарскиот јазик.
„Тоа за ЗНАМ е неприфатливо, а тоа е неприфатливо и за нашите владини партнери. Се додека имаме усогласени политики ќе делуваме заедно и верувам дека никој нема да успее да не скрши, а еден ден ќе седиме во ЕУ, со крената глава како горди Македонци кои зборуваат македонски јазик“, рече Димитриевски.
ЗНАМ освои шест пратенички места на последните парламентарни избори и има двајца министри во владата на Христијан Мицкоски.
Н.П.